28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ е пред шанса да се ослободи од радикалите во своите редови, разумот е на потег

Зоран БОЈАРОВСКИ
Вчера на лидерската средба и после неа на прес конференцијата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа на чекор да ја извлечат партијата од аурата во која се ставија самите себе си како неодговорна политичка структура која го „монетизира“ инаетот и партискиот интерес на радикалите во нивните редови за сметка на националните интереси на државата и на огромното мнозинство граѓани.

Толку беше потребно, еден чекор, за да ја стави партијата повторно во европскиот контектст, во светлината со европски бои за да биде видена како политичка структура којашто во пресудни моменти ги прифаќа европските вредности.

Наместо да ја прифати подадената рака на Власта, која направи сериозни отстапки со понуда дополнувања во Уставот за широка коалициона Влада со рамноправно учество на ВМРО-ДПМНЕ, и за распишани избори веднаш по усвојувањето на амандманите на Уставот, Мицкоски ја (до)заглави неговата партија во темните предели на политичкиот спектар со дополнителни услови (без ДУИ во широката владина коалиција).

Ќе беше многу попаметно Мицкоски да покаже мудрост и „студена глава“, и наместо веднаш да ја прогласи средбата за неуспешна, да се врати во партијата за да се рационализира понудата на Ковачевски.

Да направеше така, денеска работите ќе изгледаа многу поинаку, особено и заради гестот што го направи ДУИ кога објави, и тоа додека Мицкоски беше уште на говорницата во Клубот на пратениците, дека оваа партија „е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори“.

Можеби и не е доцна, особено откако ДУИ се покажа помакедонска од „најмакедонската“ партија.

Можеби е време, наместо радикалните јастреби во таа партија, да се охрабрат ЕУ сензитивните поединци или групации во ВМРО-ДПМНЕ, кои во понудата од лидерската средба треба да ги видат придобивките кои, очигледно, доаѓаат и како резултат од нивните залагања кои може да се оценат како конструктивни, умерени и во интерес на државата.

Секоја друга постапка на ВМРО-ДПМНЕ прави долгорочна штета за Македонија. Ја „краде“ иднината на народот.

А за иднината можеме повторно да ги наведеме искуствата на Хрватска со придобивките од членството во ЕУ. Прво заради тоа што кандидатскиот статус оваа земја го доби во 2005 година, исто како и Македонија, а за 8 години го затвори пристапниот преговарачки процес и во 2013 година стана полноправна членка на унијата.

Тоа ја прави сосема реална опцијата за Македонија членка на ЕУ во 2030, ако со нејзината судбина не си игра Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со рускиот рулет.

Десетгодишното членство во Европската унија ја направи хрватската економија поконкурентна и го приближи стандардот на Хрватите до тој на граѓаните од развиените земји членки. И тоа не е сѐ. Придобивките од влезот во еврозоната и Шенген зоната на 10 годишнината од приемот на Хрватска во ЕУ, земјата ќе ги почувствуваат допрва, во наредните години, главно преку подобар прилив на странски инвестиции. Ова не се пропаганда, ниту Пи-аР, туку произлегува од главните пораки на конференцијата на „Блумберг Адрија“, „Спојување, инвестирање, развој“, што се одржа вчера во Загреб по повод 10-годишнината од членството на Хрватска во ЕУ.

Хрватска е поотпорна на кризи по влезот во ЕУ, а европските пари се ветер во грб, констатирано е на конференцијата.

Нема парче земја во Хрватска каде што не се гради нешто кофинансирано со европски пари, а граѓаните тоа сѐ појасно го гледаат. И ова е една од главните поенти од конференцијата под наслов „Спојување, инвестирање, развој“ (Merge, Invest, Develop).

Тие се опипливи резултати, а не политички декларации на кои, можеме да кажеме, дека доживејаа сериозна инфлација. И затоа, токму тие, опипливи придобивки треба за нас, за политичките субјекти во земјата, особено за ВМРО-ДПМНЕ, треба да бидат поттик за вложување повеќе напор за завршување на македонскиот евроинтегративен процес.

Моментот е сега.

извор Рацин.мк