Претседателот Пендаровски денеска го посети здружението на лица со попреченост СОС Вита – Скопје, со седиште во општина Чаир, како и Центарот за рехабилитација СОС Вита Медика.
На средбата со Ертан Шакири, претседателот и основач на „СОС Вита“ – Скопје и со членови на здружението, претседателот Пендаровски беше запознат со заложбите и активностите кои ги спроведува ова здружение за унапредување на правата на лицата со попреченост, како и со нивните потреби и предизвици со кои се соочуваат.
Претседателот беше информиран дека за време на тригодишната работа на СОС Вита – Скопје, здружението им помогнало на лицата со попреченост во набавка на соодветни инвалидски колички, при што досега има обезбедено околу 100 инвалидски колички, а здружението, кое брои над 300 членови од различна верска и национална припадност, активно придонесува и во борбата за слободен пристап, за подобри здравствени услуги и социјален живот на лицата со попреченост, организирајќи голем број на хуманитарни, спортски и културни активности. Македонскиот претседател ги посети и просториите на Центарот за рехабилитација СОС Вита Медика, каде што лица со попреченост добиваат бесплатни услуги за рехабилитација.
Претседателот Пендаровски, оддавајќи признание за досегашната работа на СОС Вита – Скопје, ја нагласи неговата лична заложба и безрезервна поддршка на иницијативите на здружението. Тој упати порака дека е неопходна целосна посветеност и партнерски однос меѓу вакви здруженија и македонските институции со цел подобрување на состојбата на лицата со попреченост, како и подигнување на свеста за придобивките од интегрирањето на овие лица во секој аспект од животот.