Со влезот на ВМРО-ДПМНЕ во оваа Влада може да се стави крај на македонската демократија. Ова го изјави портпаролот на политичката партија Левица, Амар Мециновиќ, по денешната лидерска средба, на која Ковачевски му понуди на Мицкоски влез во Владата по гласањето за уставните измени.
Од Левицата оценија дека ова се најтемните дни за македонската демократија, а како што велат, ВМРО-ДПМНЕ се приклучува на патот кон бездната, во која нè води СДСМ.
„Владата нема легитимитет. Првпат го загуби во 2020 година на локалните избори, потоа добивме неизбран премиер, кој со својата нелегитимна Влада беше целосно нетранспарентен во изготвување на францускиот предлог со Софија во посредништво на Париз, и сега имаме ситуација каде што постои консензус за францускиот предлог, но се работи на поларизација на нашето општество. Се движиме кон криза на демократијата. Ова е авторитарен режим. Со влезот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, само Левицата ќе остане партија што не влегувала и излегувала од владејачкото мнозинство“, изјави Мециновиќ.
Говорејќи за ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека опозицискиот лидер имал многу променливи изјави за измените.
„Пратеници потпишуваа изјави на нотар, потоа нудеше предвремени избори и да се стават уставните измени во предизборните програми и на крајот неговиот Извршен комитет сабајлево излезе со изјава дека не ги прифаќаат уставните измени под бугарски диктат. Но, тоа е само изјава за членството, кое сепак следува и е свесно за одлуките на раководството. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ има улога во исполнувањето на софиската платформа“, рече Мециновиќ.
За условот на Мицкоски за влез во Владата ако излезе ДУИ, Мециновиќ рече дека иако на ВМРО-ДПМНЕ сега му е проблем да биде со ДУИ во Владата, совршено функционираат во Советот како партнери во Велес. Со влезот на ВМРО-ДПМНЕ во оваа влада, вели Мециновиќ, може да се стави крај на македонската демократија.
Прашан дали Левицата е за влез на Македонија во ЕУ, портпаролот на Левицата рече дека апсолутно да, а партијата има соработка со левичарските партии во Унијата. За Бугарија, рече дека оваа држава се однесува како колонијална сила, но очигледно нашата дипломатија не може да одговори на овие предизвици.