13.3 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери со групата за пријателство од Косово: билатералните односи одлични и без отворени прашања

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со делегација на Групата за пријателство Косово-Северна Македонија на Собранието на Република Косово, во состав Ганимете Муслиу, претседателка и Влора Думоши, членка на Групата за пријателство. На средбата присуствуваше и Африм Гаши, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Косово.

Џафери нагласи дека оваа посета претставува уште една потврда за плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово, на ниво на претседатели на парламенти, комисии и групи за соработка и пријателство. Тој оцени дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Косово се одлични, без отворени прашања, а доказ за тоа се бројните средби меѓу високи претставници на двете држави.

Претседателот на Собранието изрази задоволство што во Северна Македонија, Албанија и Косово веќе стапија во сила трите договори потпишани на последниот Самит на Берлинскиот процес за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации. Овие договори, според Џафери, претставуваат значаен чекор напред во заедничките напори да им се овозможи на граѓаните слобода на движење и интеграција, согласно вредносните и најдобрите практики на ЕУ.

Во врска со состојбата на северот од Косово, претседателот Џафери нагласи дека ги подржуваме сите напори за де-ескалација на тензиите, што треба да се постигне преку дијалог и комуникација, особено со стратешките партнери.

Претседателката на Групата за пријателство Косово-Северна Македонија, Ганимете Муслиу, се заблагодари за севкупната поддршка што Република Северна Македонија ја пружа на Република Косово за сите значајни прашања. Таа изрази надеж дека и во иднина ќе продолжи нашата принципиелна поддршка за евроатланските интеграции и членството во меѓународните организации, особено во меѓународните форуми каде што Косово не е присутно. Муслиу нагласи дека пратениците во Собранието на Република Косово, без оглед на нивната политичка ориентација се залагаат за мир и де-ескалација на состојбата во северниот дел на државата, со оглед дека тензиите не се во корист на граѓаните.

Пратеничките групи за пријателство и соработка од двете собранија, според Муслиу, можат да придонесат за максимално искористување на можностите за олеснување на меѓусебната комуникација и во таа насока предложи организирање на конференција на која ќе се дискутира за конкретни идеи и проекти на овој план.

На средбата стана збор за можностите за подобрување на инфраструктурното поврзување и на капацитетите на граничните премини со воведување на концептот на заеднички контроли, како и унапредување на соработката во полето на културата и туризмот. Соговорниците се осврнаа и на економската соработка, нагласувајќи дека треба да се направат напори да се намали нееднаквоста во трговската размена, која е со суфицит од страна на Република Северна Македонија.