25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Комерцијална банка меѓу најдобрите иноватори во светот – Прогласена од Global Finance за Врвен иноватор во корисничко искуство за услугите преку OneID

Комерцијална банка влезе во друштвото на врвните финансиски иноватори во светот со воведувањето на услугата електронска идентификација преку OneID. Меѓународниот магазин Global Finance ѝ ја додели на Комерцијална банка угледната награда „Врвен иноватор во корисничко искуство за 2023 година за услугите преку OneID“, со што ја рангираше Банката меѓу Топ финансиските иноватори во светот.

Ова признание е дел од Наградите за најдобри финансиски иноватори за 2023 година, кои по 11-ти пат се доделуваат на врвни банки, финтек и други компании на глобално ниво. Годинава на листата на Global Finance покрај Комерцијална банка, се најдоа и HSBC, BBVA, CaixaBank, Banco do Brasil, OTP Bank, Commercial Bank of Qatar, Abu Dhabi Islamic Bank, Visa и други реномирани брендови од светот на финансиите.

Наградата за Комерцијална е потврда на придонесот на Банката за најдобро корисничко искуство во доменот на иновативните финансиски алатки, меѓу кои е електронската идентификација, која овозможува бројни поволности и бенефити за корисниците. Комерцијална банка ја има честа да биде прва банка од земјава што се најде на листата на најистакнати иноватори во областа на финансиите, кои се препознаени од овој угледен магазин.

Комерцијална банка ја воведе дигиталната услуга електронска идентификација преку апликацијата OneID на почетокот од оваа година, во соработка со водечката компанија за дигитална трансформација Некстсенс. За помалку од шест месеци, благодарение на електронската идентификација, на своите клиенти им овозможи уште две нови дигитални услуги – ажурирање лични податоци онлајн и активирање Интернет банка и мБанка, со што им станаа достапни редица дигитални услуги на лесен и безбеден начин и со пониски надоместоци до 80% во однос на трансакциите преку шалтер.

„На наше огромно задоволство, Комерцијална банка е првата банка во земјава што овозможи практична и целосна примена на електронската идентификација во банкарските услуги. Оваа престижна награда од Global Finance е навистина ретко и вредно признание, кое освен што ја става нашата земја на мапата на врвни иновативни достигнувања во светот на финансиите, ја издвојува Комерцијална банка како лидер во финансискиот сектор и предводник во воведувањето нови и корисни алатки за клиентите. Со иновативните решенија на клиентите им заштедуваме драгоцено време и им ги доближуваме придобивките на едноставниот и безбеден дигитален свет. Продолжуваме со нашата динамична работна агенда со цел да бидеме првата целосно дигитална банка во земјата“, изјави Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Годишните награди за иновации на Global Finance ги препознаваат субјектите кои идентификуваат нови патишта и дизајнираат нови алатки во финансиите.
„Технолошкиот напредок и прифаќањето на стандардите на индустријата широко ја отвораат вратата за иновации. Најиновативните банки и финтек компании стануваат омилени кај клиентите. Со гордост ги препознаваме овие иновативни лидери, кои ги унапредуваат финансиите во 21. век“, изјави Џозеф Џиарапуто, издавач и уреднички директор на Global Finance.

Со оваа награда, Комерцијална банка ја потврдува својата лидерска позиција на полето на иновативни и модерни финансиски можности и решенија за физички лица, компании, мали и средни бизниси, а сѐ со цел да придонесе за заеднички напредок и успех.