„Изминатава година и руската брутална инвазија врз суверена и независна Украина многу јасно ни покажа дека земјите од слободниот демократски свет имаат заеднички безбедносни, економски и енергетски предизвици. Но исто така и дека само заеднички и обединето можеме да се справуваме со истите, доколку сакаме да имаме успех“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на вториот Самит на Европската политичка заедница во Молдавија.
Тој додаде дека Северна Македонија, како земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и фактор на стабилност во регионот, е посветена и ќе продолжи да се залага за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок.
Премиерот Ковачевски посочи дека Европската политичка заедница не е замена за процесот на интеграција, туку напротив заедница која ќе обезбеди подобра соработка на целиот регион во насока на надминување на предизвиците со кои се среќава Европа, а кои се предизвикани од руската воена агресија врз Украина.
„Денес темата на која јас ќе бидам присутен заедно со вицепремиерот Битиќи е поврзувањето и енергетската стабилност, ние сме држава која во текот на изминатата година навистина направи многу и затоа сме и вклучени во тој дел. Ние сме лидери во имплементација на обновливи извори на енергија по глава на жител“ рече Ковачевски.