Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на најголема мултинационална вежба оваа година во Република Северна Македонија, „Брз одговор 23“, на која, покрај Република Северна Македонија, учествуваат уште три НАТО-земји членки – Соединетите Американски Држави, Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО – Косово, со околу 1.850 учесници.
Вежбата, според надлежните, е од особено значење за нашата Армија во однос на споделување знаења, способности и вештини, подобрување на интероперабилноста и меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите на НАТО и партнерските армии преку широк спектар на речиси симултани операции, кои се изведуваат во повеќе зони, демонстрирање на обединетоста на НАТО за безбедноста на секоја земја членка, како и потврда на можностите на „АП Криволак“ за изведување разновиден вид вежбовни операции и користење разновиден вид борбени средства и вооружување.
Припадниците на армиите, кои учествуваат во вежбата, презентираа комбинирани копнени активности: „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.
Во вежбовните активности предвидена е употреба на роботизираното софистицирано возило т.н. Project Origin, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое првпат ќе тестирано во вежбовни услови лансирање противоклопна ракета од типот Javelin, која е дел од неговото вооружување.
Вежбата „Брз одговор 23“ е поврзана со комплексот на вежби Defender Europe 23, кои на годишно ниво редовно се реализираат во Европа, предводени од Армијата на САД за Европа и Африка. „Брз одговор 23“ ќе се изведува во 8 земји во регионот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.
„Годинава реализираме уште една успешна заедничка вежба со нашите НАТО-сојузници, каде што преку разни вежбовни операции го демонстрираме единството на Северноатлантскиот сојуз во име на безбедноста на секоја земја членка и во име на светскиот мир“, истакна во своето обраќање премиерот Ковачевски.
Со нашето членство во НАТО, појасни Ковачевски, Република Северна Македонија не е повеќе објект на геополитичката сцена, туку субјект што активно учествува во носењето одлуки од светско значење заедно на иста маса со светски суперсили.
„Со нашето членство во НАТО и учеството во заеднички акции градиме силни партнерства со сојузниците и од нашиот регион и пошироко. За Северна Македонија, зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните надворешнополитички приоритети.
Со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС и зачленувањето во големото НАТО-семејство ги заштитивме нашите идентитетски одредници, ги заштитивме нашиот македонски јазик и нашата култура. Под штитот на НАТО и силната поддршка од сојузниците и нашите стратешки партнери нашата држава е посилна и постабилна од кога било. И политички и економски бидејќи почетокот на преговорите со ЕУ и стабилноста со членството во НАТО донесе поволен и предвидлив амбиент за странските директни инвестиции, кои во услови на криза достигнаа рекорден историски износ од 753 милиони евра, што е највисоко ниво на вакви инвестиции во земјата, и тоа двојно повеќе во споредба со 2016 година.
Буџетот на Министерството за одбрана, кој растеше изминатите десетина години, годинава достигна највисоко ниво и опфаќа 1,85 отсто од БДП. Нашите заложби за создавање професионална модерна армија ги докажуваме и со одвојување речиси 25 отсто поголеми средства за Армијата во споредба со лани, со што буџетот годинава е зголемен за приближно 54 милиони евра. За реконструкција на објекти и инфраструктура во одбраната се предвидени 10 милиони евра повеќе од 2022 година“, нагласи Ковачевски.
Пред нашата држава, како што додаде, во следниот период претстојат предизвици што ќе ја одредат нејзината иднина – дали ќе тргнеме по патот на евроинтеграциите, стабилноста и просперитетот или ќе останеме заглавени самите со себе.