Американскиот сенатор Крис Марфи ги нарече технички уставните измени кои треба да се донесат за членство во Европската Унија. Тој од говорницата во Владата по средбата со премиерот Димитар Ковачевски кажа дека САД ќе продолжи да ја поддржува Македонија и во случај да не бидат усвоени уставните измени но нагласи дека таквата одлука ќе ги загрижи членките на НАТО.
Сенаторот Марфи рече дека војната во Украина предизвикала криза, но истовремено ја разбудила Европската Унија за потребата да ги остави вратите отворени.
„Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот, тоа e нова реална можност за проширување, а Северна Македонија не треба да ја пропушти оваа прилика. Овие уставни измени, технички измени на Уставот, се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ. Ова е нова можност која се укажува за проширување, не морам да ви кажувам што значи да се приклучите кон Европската Унија. Зборуваме за брз економски раст, за високи плати, повеќе американски компании кои што ќе доаѓаат во Северна Македонија. Последната работа што би сакал да ја кажам е следново-сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат. Ако одлучи против овие уставни измени. Тогаш ќе се тргнете од патот кон Европската Унија, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО. Оние кои што сакаме да ги браниме, ги браниме врз основа на нашите вредности“, рече сенаторот Марфи.
САД остануваат големи пријатели на нашата земја, но луѓето во САД и лидерите во САД, според сенаторот Марфи, ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени во следните неколку месеци и сите се надеваат дека одлуката ќе биде усогласена со безбедносните мерки на НАТО и со патот кон ЕУ.
„Треба да се направат избори. Русија е сериозна закана на Алијансата, на светските демократии. Ова е моментот за демократиите во Европа да се обединат, да ги донесат тешките одлуки за да возвратат на оваа агресија. Затоа премиеру, го поздравувам нашето пријателство, многу ми е важно. Вашата посета на Вашингтон беше од витално значење и навистина се надевам дека од Скопје ќе слушнеме добри вести набрзо во врска со уставните измени и патот кон Европската Унија. Ние остануваме со вас за да се осигуриме дека, како што се приклучивте кон НАТО, така ќе се приклучите и кон ЕУ“, рече сенаторот Марфи.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, по средбата со Марфи потсети дека нашата земја како дел од поранешна Југославија имала поголем стандард од многу земји кои сега се членки на ЕУ и најави дека тој ќе го врати таквиот стандард на граѓаните.
„ Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка и од Романија и од Полска и од Бугарија и од сите земји кои станаа членки на Европската Унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард. Тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката од нашите стратешки партнери пред се САД и земјите членки на ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.
Тие денес по средбата ги прочитаа изјавите и не дозволија новинарски прашања.