25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Голема регионална конференција на ЦИВИЛ за трансформациите во економијата

Со учество на високи претставнички и претставници на македонската влада, експертската заедница од регионот и бизнис секторот, ЦИВИЛ ја организира конференцијата „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“ во хотел Сити Парк, на 23 мај (вторник) со почеток во 10 часот.

Овој настан е дел од големата регионална иницијатива за одбележување на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан (22-26 мај 2023) под мотото „Партнерство за циркуларност“ што го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.

Учесници на Конференцијата се високи претставници од владата, бизнис секторот, медиумите и граѓанското општество и ќе говорат во четири получасовни сесии.

Во првата сесија „Трансформација на економијата на локално и национално ниво: Стратегии, предизвици и перспективи на циркуларната економија“ учествуваат вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Во втората сесија „Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан – Регионални искуства“ ќе учествуваат Астрит Истрефи, извршен директор на Балкан Форум, Косово, Селена Агатоновиќ од Иницијативата за правата на младите, Србија, и Газменд Берлајоли од Косово.

Во третата сесија „Иновациите во бизнис секторот и циркуларната економија: Позитивни примери за иднината“ ќе говорат претставниците од бизнис секторот и тоа: Филип Ивановски, Пакомак, Аријан Тоска, МДЦ-Трговија и инвестиции и Живко Серафимовски, Нутривет.

Во четвртата сесија се говори на три теми и тоа: Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори, на тема „Проценка на капацитетите за развој на циркуларната економија во Северна Македонија и регионот на Западен Балкан“, Соња Танеска, главна уредничка на Градска.мк на тема „Медиумите и циркуларната економија“ и Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ, на тема „ Влијанието на руската агресија против Украина врз економските трендови и можностите за развој на циркуларната економија“.

Модераторка на сите четири сесии на Конференцијата е Биљана Јордановска, координаторка во ЦИВИЛ и одговорна уредничка на Green CIVIL. На крајот од секоја сесија има можност за две прашања или коментари до две минути.

Неделата на циркуларната економија е уникатна регионална иницијатива, преку која мрежата ЛогЕкс (LogEx), придонесува кон трансформацијата на Западен Балкан кон одржлив развој, преку промовирање и спроведување на циркуларна економија.