Уставните измени се нашиот приоритет, рече претседателот Пендаровски обраќајќи се на панел-дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“, што во организација на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, Европското движење и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел се одржа денеска во Скопје во рамките на одбележувањето на Денот на Европа – 9 Мај.
„Нашата прва задача е да ја исполниме обврската што ја презедовме прифаќајќи ја преговарачката рамка, која овозможи нашата држава, по повеќе од една и пол деценија со кандидатски статус, конечно да ги отвори преговорите со првата меѓувладина конференција и со процесот на скрининг врз нашиот правен, политички и економски систем. Таа обврска е јасна и неоспорна и таа обврска треба да ја завршиме со вклучувањето во Уставот на оние три и пол илјади наши граѓани, кои на последниот попис се изјаснија за етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кои беа вклучени претходно и другите делови од народи што живеат кај нас. Во овој процес ќе вклучиме и други делови од народи и со тоа уште еднаш ќе потврдиме дека почитувањето на правата на етничките заедници и мултикултурализмот во македонското општество се наша специфика со која се гордееме, а не се срамиме“, рече Пендаровски.
Тој ги повика сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор. А тој избор, како што нагласи тој, е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава!
„Наш приоритет во овој момент се измените на Уставот што произлегуваат од преговарачката рамка со ЕУ, а за сите други прашања постои јасна политичка волја да водиме легитимна демократска политичка дебата и веднаш потоа да ги завршиме и тие други обврски. Додека сме фокусирани врз уставните промени, треба внимателно да ги разгледаме сите забелешки што произлегуваат од процесот на скрининг затоа што понатаму ќе мора да бидеме подготвени на процес во кој не смееме да симулираме реформи, туку вистински да го менуваме нашиот систем. Симулацијата на реформи не само што не е во интерес на македонските граѓани туку е и невозможна во услови кога промените ќе бидат детално контролирани од европските институции.
Во тој процес сакам особено да ја нагласам важноста да изградиме функционална правна држава и далеку поуспешна борба со организираниот криминал и високата корупција. Држава која нема сила да ја совлада корупцијата и да обезбеди функционални институции не е во состојба да спроведе ниту една реформа од економијата и екологијата, па сè до културата и спортот. Владеењето на правото е почетокот и крајот на сите реформи, тоа е услов без кој не може да функционира ниту еден сегмент од општеството. Секое занемарување на оваа аксиома е самозалажување, чија висока цена веќе ја плаќаме со разочарани граѓани и илјадници иселени млади и допрва ќе ја плаќаме“, рече Пендаровски.