23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Поради незаинтересираноста на Арсовска, ја губиме шансата Скопје да биде Европска престолнина на културата

Будва и Скопје во јануари влегоа во потесниот избор на конкурсот за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година во земји на ЕФТА/ЕЕА, за земји кандидати или потенцијален кандидат на Европската унија кој беше предлог на 10 независни експерти.

Панелот ќе се состане во септември 2023 година за да селектира и предложи еден град кој ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година.
Во истата година, ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Република Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Република Франција (селекцијата за француските градови ќе се одржи на почетокот на март 2023 година).

Скопје имаше рок до јуни 2023 година да ги комплетира своите апликации. Меѓутоа, оттогаш па досега во град Скопје нема одзив за проектот. Иако требало да се организираат состаноци, да се направи нов бид бук, да се определи буџет за проектот, ништо од тоа не е реализирано.

Со тоа успешно ја помина првата фаза и очекувано беше да почнат подготовките за втората фаза, каде на панел комисија од 12 члена се презентира планот и буџетот за следните години на која би требало да присуствуваат домашната комисија и градоначалникот на градот.

„Градот требаше да има определно буџет за проектот за наредните 7 години и веќе да организира состаноци со тимот на експерти. Од Европската комисија бараат нов и ревидиран бид бук во кој тимот на експерти ќе предложи проекти и настани кои ќе се случуваат во 2028 година и ќе бидат од особено значење за развојот на културата во градот. Меѓутоа, наместо тимот на експерти активно да работи на проектот, односно на ревизија на веќе испратениот бид бук кој мора да биде готов до август 2023 година, експертите се уште немаат потпишани нови договори за работа, а во град Скопје не одговараат на мејлови, повици и покани за состаноци“, велат извори од град Скопје.

Поранешниот градончаланик Петре Шилегов имаше ангажирано германска екипа на консултанти кои би помогнале да се подготви апликацијата за во Брисел, но сегашната градоначалничка Данела Арсовска не им го продолжила договорот и не била воопшто заинтересирана за овој проект. Исто така не се исплатени хонорарите и за домашните експерти кои работеле на овој проект.

Процесот за Европска престолнина на културата е долг, за Скопје е почнат од 2014 година, во 2018 година е зајакната динамиката, поради ваквиот однос на градските власти, нашиот град е на добар пат да го изгуби статусот како потенцијален кандидат за ЕКП 2028, а неколку години и ќе немаме можност да аплицираме.

Како што велат извори од Град Скопје, поентата на европска престолнина е да се транфиормира општеството преку културата.

-На пример Будва има многу активности и се вмрежува со други градови. До 2021 година имавме и ние такви активности, потпишавме меморандуми со Пловдив, со Љубљана, Тренчин (Чешка), но потоа неконзистентноста на кабинетот на градоначалничката Арсовска го стави овој проект на маргините на интерес, а тоа важи и за одделението за култура во Градот, појаснуваат тие за Гредска.мк.

И на официјалната страница Скопје 2028 се забележува дека последната активност е во 2021 година. На страницата скопје 2028 на ФБ последната објава за активност е објавена 31 дек 2021.

Универзална сала е носител на проектот

Буџетот кој е предвиден за култура во Скопје оваа година е само 4 ипол милиони денари. Библиотеката „Браќа Миладиновци“ се најде на врвот на листата за остварување на локалниот интерес во културата на Град Скопје со поддршка од 5.418 илјади денари, додека Младинскиот културен центар за севкупните активности и менаџирање доби 4.908 илјади денари.

За финансирање на јавните установи кои се под капата на Градот меѓу кои се Културно информативниот центар, Универзална сала, Дом на културата Кочо Рацин од градската каса предвидени се 19.699.000 денари од вкупно 232.998.000 денари.

Споредбено со претходните години, овој буџет е повеќекратно помал и градската култура ја сведува на преживување. Со овие средства менаџерите на институциите нема да можат да ги покријат ниту елементарните расходи, а за нивните програмски активности нема да останат ниту трошки.

Универзална Сала е официјален носител на проектот Скопје ЕКП 2028 и токму затоа најми тим на експерти кои ќе работат на апликацијата и на бид букот кој ќе го доведе град Скопје до оваа титула. Од експертите беше побарано да ги сработат своите задачи за релативно краток рок, по брза постапка, бидејќи претходно проектот доцнел и повторно зависел од потписи и одобрување во град Скопје. Откако работата беше успешно завршена, градот Скопје ја блокираше сметката на Универзална сала поради заостанат долг од 2017 година и Универзала Сала и токму затоа нема исплатено хонорари на експерите кои работат на проектот уште од самиот почеток. Според потпишаните договори, Универзална сала требало да ги исплати хонорарите најдоцна до декември 2022 година.

Данела како и вообичаено молчи

Комуникацијата со град Скопје е на многу лошо ниво затоа што ниту градоначалничката е достапна, ниту пак нејзината нова портпаролка одговараат на прашања на новинарите, а нивните мејлови ги користат само еднонасочно, кога испраќаат соопштенија.

Не добивме одговор ниту на прашањето што се случува со овој проект и кои се причините според кои за жал Скопје навистина нема да биде дел од оваа програма на Европската унија.

Што значи Европска престолнина на културата?

Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија започната во 1985 година. Во периодот од 1985 до 2019 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа и градови од земји кандидатки за Европска Унија.

Европската Комисија има утврдено годишна динамика според која, од 2020 до 2033 година е дефинирано кои 2 до 3 држави секоја година можат да дадат свои кандидати (градови) кои ќе се натпреваруваат за оваа титула, од кои 2 града доаѓаат од земји кои се членки на Европската Унија, а третиот град може да биде од земја кандидат или потенцијален кандидат за Европската Унија.

Постапката започнува со објавување на јавен повик од страна на извршната Агенција за образование, аудиовизуелна политика и култура (ЕАСЕА) за пријавување на градовите од државите соодветни за аплицирање. Повикот беше објавен и траеше до 11 ноември 2022 година.

Градот Скопје по овој повик влегува во потесна селекција заедно со градот Будва кој според експертите вклучени во проектот не може ни оддалеку да се носи со Скопје, по инфраструктура, културни институции, споменици на културата, а сепак од властите добива третман на типичен занемарен провинциски град.

За да почне втората фаза од Проектот, неминовно е да се исплатат хонорарите на експертите вклучени во првата фаза за реализација на овој проект. Меѓутоа, со оглед на временската рамка неизвесно е дали воопшто ќе почне изработката на новиот бид бук каде треба акцентот да се стави на уметноста и културата.

Заради обезбедување на еднаквост со градовите од земјите членки на Европската Унија, секој град што доаѓа од земја кандидат има право да учествува на повиците и може да достави апликација исклучиво само еднаш, односно за една година во периодот од 2020 до 2033 година и може само еднаш да ја добие титулата.

За титулата ЕПК 2028 можеа да аплицираат градови од Чешка, Франција и од земјите кои не се членки на ЕУ: Македонија, Албанија (без Тирана), Црна Гора (без Херцег Нови), Исланд, Лихтенштајн и Косово.

Соња Танеска

извор: Градска.мк