Претседателот Стево Пендаровски денеска во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје се обрати на настан во рамки на програмата „Супер училишта“, а на кој присуствуваа ученици и претставници од училиштето за слепи и слабовидни во Сараево, Босна и Херцеговина.
Програмата е дел од мултидонаторскиот проект „Шема за размена на училишта за Западен Балкан“, кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој и имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
Во рамките на проектот се реализираат активности со ученици со оштетен вид, кои се однесуваат на социјална инклузија, интеркултурен дијалог и градење мир.
На настанот се обратија и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, амбасадорка на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, Генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, Бобан Спасенцовски.
Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на тема „Инклузија и можности за млади со пречки во видот на западен Балкан“ со ученици од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“.