25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАКУЛТУРА

Нови бајки од Македонија по повод десетгодишнината од Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“

Со промоција на четири нови современи бајки од млади автори и илустратори, Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ одбележа десет години од своето постоење.

Во изминатиот период „Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, реализираше значајни проекти од национална важност. На почетокот, со проектот „Бајки од Македонија“, македонското народно творештво се приближи до најмладите и доби нов современ лик, а потоа следуваа и проектите „Басни од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“, „Мистериозното јајце“, „Современи бајки од Македонија“ и збирката „Детелинки-белинки“. Нивната главна цел беше да се поттикне креативниот потенцијал на младите илустратори и автори од Македонија.

Досега, на јавните конкурси на Движењето „Браво сине!“ се пријавиле над сто талентирани дизајнери-илустратори од земјава, а 313 автори доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“. Сите избрани авторски трудови на овие конкурси излегоа во печат и се парично наградени. Заедно со четирите најнови современи бајки со кои се одбележува десетгодишниот јубилеј, вкупно се издадени 80 бајки од Македонија, како и четири басни од Македонија. За исклучителниот успех на проектот говори и податокот дека едицијата „Бајки од Македонија за цела година“ е вброена помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот што се дел од  годишното издание на најпрестижниот каталог на литература за деца и младинци во светот – „Вајт рејвенс“ (The White Ravens), кој е дел од најголемите светски саеми за книги што се одржуваат во Франкфурт и во Болоња.

– Денес, кога по десет години го сублимираме реализираното, со гордост можеме да кажеме дека нашите зацртани цели, на кои работиме со огромен ентузијазам, се постигнати. Нашата визија е да го одбележиме ова време, давајќи го својот генерациски придонес, а во чест на големиот креативец – Иво Лауренчиќ, да ја поттикнуваме креативноста, наместо просекот, да ја препознаваме и да ѝ дадеме облик на трајната вредност. Поврзувајќи го традиционалното творештво со новата естетика, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – „Бајки од Македонија“. Среќни сме со постигнатото досега, но ние не застануваме. Цела генерација млади креативци и автори излегоа на виделина и го најдоа своето професионално место. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат  своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Последниве две години работиме на нови, современи бајки од Македонија, бајки од новото време. Овие дела  ќе живеат подолго од нас, како влог за следните генерации – истакна  Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор и основач на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

Четирите нови современи бајки што се промовирани токму на одбележувањето на десетгодишнината од основањето на „Браво сине!“ се: „Океанија“ од авторот Мартин Миљев и илустрирана од Орце Нинески, „Луѓето и змејовите“ од авторот Владо Јаневски со илустрации од Ем Елефантски, „Детето на месечината“ од авторката Јана Глигороска со илустрации на Јована Велинова-Трајанова и бајката „Зелда и Фе и болниот змеј“, чиј автор на текстот и илустрациите е Катерина Трајановска.

– Создавањето на автентична жива култура преку нови книги е една од главните цели на нашата издавачка куќа. Преку партнерството со „Браво сине!“ успеавме да создадеме шанса за многу млади автори, но и да издадеме уникатни дела што доживеаја огромен успех кај домашната и интернационалната читачка публика. Во рамките на оваа соработка успеавме не само да дадеме конечен изглед на креативноста на младите автори туку и да создадеме нова генерација на илустратори и автори кои го градат својот автентичен стил, кој истовремено е претставен и пред глобалната читачка публика. Ќе продолжиме да ги поттикнуваме младите креативци и најавуваме уште многу нови проекти заедно – изјави Бранка Бугариска, главен уредник во „Арс Ламина“.

Едициите „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“, кои се резултат на соработката на Движењето „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, во изминатите десет години, постигнаа голем успех и се едни од најпродаваните книги за деца во нашата земја. За овие изданија „Арс Ламина“ е добитник на наградите за најдобро печатено издание, за најдобра книга за деца и за издавачка куќа со најголема општествена одговорност што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Исто така, дел од книгите во споменатите едиции се преведени на седум јазици и Браeво писмо, а добитници се и на светски награди и признанија.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање на силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.