26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска и Маргарити: Имаме иста цел и заложба – со заедничка акција да го заштитиме Охридскиот Регион

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера, во рамките на еднодневната посета на Тирана, оствари билатерална средба со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, при што се разговараше за повеќе прашања поврзани со културната соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

На средбата стана збор и за координацијата во процесот на управувањето со Охридскиот Регион, како и за заедничките иницијативи и проекти за заштита на охридското крајбрежје како заедничка вредност.

Министерките за култура, во насока на остварување на препораките на УНЕСКО, се договорија да се интензивираат средбите на билатералниот комитет за управување со сливот на Охридското Езеро со цел да се најдат механизми за афирмација и доближување на значењето на статусот на Охридскиот Регион во УНЕСКО до пошироката јавност.

Министерките за култура, Костадиновска-Стојчевска и Маргарити, ја истакнаа и потребата за поголема искористеност на фондовите што ги нуди УНЕСКО и ги повикаа сите што ги исполнуваат условите да аплицираат на продолжениот повик на УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка за проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, кој за организации трае до 31 мај, а за физички лица до 15 мај.

Тема на средбата меѓу Костадиновска-Стојчевска и Маргарити беше и соработката што двете земји ја имаат во рамките на Иницијативата „Отворен Балкан“, при што беше истакнато и синоќешното успешно гостување на Битолскиот театар во Тирана, а се зборуваше и за претстојните активности кои нудат големи можности за продлабочување на односите и за развој на регионот кон остварување на заедничите цели во евроинтеграциските процеси.