23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Што (не)работи Данела Арсовска за плата од 2.036 евра?

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е меѓу најплатените градоначалници во регионот. Според податоците кои ги објави неодамна ги објави српски „N1“, таа е на третото место меѓу градоначалниците од поранешните ЈУ републики, а пред неа, според месечната плата се само првите луѓе на Љубљана и на Загреб. Арсовска, според телевизијата моментално зема плата од 2.036 евра, а истата се утврдува со множење на висината на просечната плата на ниво на република со коефициент 3,70.

Но, Скопје е далеку од метропола во споредба со Загреб и Љубљана, поради секојдневниот хаос во главниот град, граѓаните се прашуваат што таа работи или не работи за платата од 2.036 евра.

Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ која убедливо победи на изборите, пред граѓаните излезе со амбициозна програма насловена За модерно Скопје.

Во неа клучен дел се 15 +1 ветување односно 16 те најважни проекти кои Арсовска и најмногу ги рекламираше за време на кампањата.

Најголемата критика доаѓа и за нејзиниот однос и нетранспарентност со медиумите, а тоа значи и со граѓаните. Иако од неодамна доби и координатор за односи со јавност, официјалниот меил се користи само за соопштенија и фотографии за тоа каде се „прошетала“ градоначалничката, но очигледно не работи во втората насока бидејќи на новинарските прашања на Градска.мк никој не одговара.

Наместо бесплатен превоз, граѓаните добија никаков превоз

Во тие ветувања беше и бесплатниот автобуски превоз, кој Арсовска се уште не го остварила.

И не само што нема бесплатен превоз, туку и едвај го има постоечкиот затоа што приватните превозници не возат неколку месеци па граѓаните мака мачат во преполнети автобуси кои често пати и доцнат.

Во програмата е наведена и набавката на 250 нови еколошки автобуси, но и ова досега не е реализирано, а Арсовска три пати се обидуваше да го задолжи градот за набавка на нови автобуси, но советниците таквите предлози редовни ги одбиваа.

Од ноември јавниот сообраќај во Скопје е во хаос, граѓаните го плаќаат најголемиот „данок“ чекајќи со часови на автобуските станици, на студ, дожд, сонце.

Во меѓувреме, Арсовска направи три обиди да се „избори“ за набавка на нови автобуси со задолжување од 10 милиони евра во некоја од домашните банки, но беше одбиена од советниците во градскиот Совет. И ЈСП во својата амбициозна Програма за инвестиции годинава испланирало набавка на дури 100 нови автобуси за 65 милиони евра преку субвенции, кои разбирливо ги очекува од Град Скопје.

Речиси две недели поминаа откако на 27 април требаше да бидат отворени понудите кои евентуално пристигнале на последниот оглас на Град Скопје, на кој по вторпат се бараа превозници на 16 автобуски линии. И исто како што градоначалничката Данела Арсовска премолчи зошто пропадна претходниот оглас, така и овој пат си молчи и не соопштува никаква информација поврзана за овој многу важен проблем за секојдневното функционирање на скопјани.

Последниот јавен оглас, кој беше објавен минатиот месец, исто како и на претходниот, градоначалничката Арсовска и Град Скопје бараа превозници на 16 линии, поделени во три пакети, пропадна. Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.

Тоа се истите линии на кои до протестот на превозниците пред шест месеци возеа приватни автобуси, а оттогаш до денес на нив се распоредени автобусите на ЈСП, што резултираше со сегашната состојба во градскиот превоз – недоволен број и нередовни возила на сите линии.

Бесплатниот превоз кој градоначалничката им го вети на скопјани во предизборната кампања одамна повеќе не се спомнува. А и логично е прво да се обезбедат доволно автобуси.

Нови мега паркови или само во најава?

Пет нови мега паркови ветуваше Арсовска но досега нема завршено ниту еден. Почнаа некакви работи на еден од мега парковите, оној на депонијата во Ново Село, но и тој е далеку од реализација, додека другите четири мега парка многу повеќе се најавуваа отколку што реално се работи на нив.

Во Чаир пак досега три пати го најавуваше, но очигледно тоа беше само за фотосесија.

Далеку од реализација се и петте нови булевари, а ги нема ниту зелените коридори на реката Лепенец и Серава што Арсовска исто така ги ветуваше пред изборите.

„Планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот“ стои во Програмата на Арсовска, но денес на шест месеци до првата половина од нејзиниот мандат Луна паркот во Скопје е во статус кво состојба.

Освен корекцијата на цените на дел од паркинзите и формирањето на Зелениот еко совет, речиси ништо друго од 16те клучни ветувања, Арсовска се уште ги нема исполнето, а нема ниту започната реализација.

Освен за своите, Арсовска се однесува идентитчно и за наследените проекти кои или не се реализираат или се реализираат со премногу бавно темпо.

Запрена е изградбата на Универзална сала и на мостот АСНОМ, додека бавно се реализира изградбата на улицата Есенинова и клучката кај Момон поток.

Не се направени ниту кружните текови и подземниот тунел кај Рамстор и новите згради Лимак.

Што сработе Арсовска досега?

Првите месеци од мандатот Арсовска се пофали со нивелирани шахти и неколку реконструирани улички низ општините, претставувајќи го тоа како епохален успех, по што следуваше затишје во реализацијата на проекти.

Единствен покрупен проект што Арсовска го реализираше беше реконструкцијата на 500тини метри од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, но неговата реконструкција траеше предолго и одземе шест месеци, а откако беше пуштен во употреба наиде на критики од граѓаните поради лошо поставените столбови за велосипедските патеки и лошо изведениот дрворед на тротоарите.

Соња Танеска

Извор: Градска.мк