Цените на европскиот гас би можеле речиси тројно да се зголемат зимава и да останат повисоки следното лето, предупредуваат од „Голдман Сакс“, што ќе ги шокира домаќинствата и ќе му овозможи на Владимир Путин да ја финансира својата војна во Украина, пренесува лондонски „Телеграф“.
Банкарскиот гигант „Голдман Сакс“ прогнозира дека големопродажните цени на гасот би можеле да се искачат до над 100 евра за мегават-час во втората половина од годината, што е речиси трипати повеќе од сегашната цена од речиси 36 евра.
Цените на гасот во Европа се намалија откога континентот излезе од зимата со резерви гас бидејќи складиштата беа повеќе од половина полни и блиску до рекордните нивоа за овој период од годината.
Сепак, од „Голдман Сакс“ очекуваат потрошувачката и побарувачката за течен природен гас (ЛНГ) во Европа и во другите делови во светот да се зголемат во втората половина од 2023 година поради што цените во просек ќе бидат над 90 евра за мегават-час.
Во порака до инвеститорите аналитичарите предупредија дека „дури и ако индустриската побарувачка остане забавена летово, тоа не е гаранција дека складирањето ќе биде олеснето во текот на зимата“ истакнувајќи дека капацитетот за складирање гас пред грејната сезона е ограничен.
Аналитичарите тврдат дека ниските цени на гасот на континентот во моментот ја намалија мотивацијата кај домаќинствата да ја намалат употребата на гас, што може да поттикне пораст на побарувачката.
Лондонски „Телеграф“ наведува и дека повисоките цени на гасот би ѝ дале поттик на Русија, која, според податоците на Европската Унија, обезбедила речиси една четвртина од увезениот гас во ЕУ од јануари 2022 година до ноември 2022 година.