Го повикуваме повторно Ковачевски да одговори на повикот за ТВ дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ковачевски сам нека определи кој ден и на кој медиум сака да се случи таквиот дуел, при што доколку сака ќе се разговара само на најактуелната тема, а тоа е изградбата на коридорите, Договорот и се што произлегува од тоа.
Еве не мора да се зборува за катастрофата во здравството, еве не мора да се говори за колапсот во образованието, еве не мора да се дебатира за економската состојба во државата, нека се зборува само за една единствена тема, за која Ковачевски вели дека е историски проект, а ние и многумина други велиме дека е историска пљачка. Впрочем милионските пенали и аванси кои се исплаќаат сега се јавни пари, пари на граѓаните и не смее да се крие ништо. Од тие пари може да се направат стотици проекти од секоја од областите за кои Ковачевски молчи, а кои се во интерес на граѓаните.
Доколку се е кристално чисто и транспарентно со изградбата на коридорите, доколку нема никакви штети по македонскиот буџет кој се полни со пари од даночните обврзници, Ковачевски нема потреба да се плаши. Нека излезе во јавноста и нека се покажат аргументите.
Ковачевски епски бега од избори, но барем епски нека не бега од телевизиско соочување. Ако се крие и избегнува дуел, тогаш само се потврдува дека зад сето ова се крие тежок криминал, злоупотреба и милионски штети за Македонија. Народот заслужува да знае како и каде се трошат неговите пари. Кукавичкото бегање од одговори, нема да го спаси Ковачевски од одговорност, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.