22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Беџети: Неразбирлива е целата хистерија, каде работеле Бехтел-Енка не промашиле

За мене сета оваа негативна реакција во јавноста беше зачудувачка, вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети во интервју за „Локално“ прашан за изградбата на коридорите. Според него, цело време се критикува за тоа колку сме заостанале во патната инфраструктура, па дури земји кои пред една декада биле многу поназад од нас, како Албанија и Косово на пример, не претекнале убедливо.

-Да се сетиме на критиката но и ургентната сугестија која ни ја даде пред една година во Скопје нобеловецот за економија Паул Кругман, зборувајќи за развојните приоритети и потреби. Токму тој Коридор посебно го спомена. Впрочем уште пред четврт век, како тогашен министер за транспорт и врски (1997/1998) се залагавме за стратешко внесување на Коридорот 8 во Паневропските коридори, но цело време беше опструиран од грчко-српска страна, вели Беџети.

Професорот истакна дека цело време и за цел овој период сите политички елити овој Коридор го имале како стратешки проект во своите програми.

-И покрај тоа што останал само декларативен и колку повеќе се афирмирал како приоритет, најмалку се инвестирало во двата крака, кон Бугарија и кон Албанија истовремено. Зарем не е чисто лицемерие, да не речам срамота, оваа хајка која сега се прави против овој коридор? Сега и фактички се разбра зошто пропаднал дури и сегментот Кичево-Охрид кој бил започнат со цел никогаш да не биде завршен! Апсолутно неразбирлива е целата оваа хистерија! Но сигурен сум дека сега ќе се реализира, затоа што секаде каде работеле вакви кредибилни изведувачи како Бехтел -Енка, не промашиле, истакна Беџети.