Денешната дискусија по предлог текстот на Националната стратегија за млади 2023-2027 година преставува уште еден институционален исчекор во градењето на политички амбиент кој е насочен кон ослободување на целокупниот потенцијал акумулиран кај младите и негово ставање во функција на напредокот и развојот на целокупното наше општество, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи на дебатата посветена на Националната стратегија за млади. Според него, финализирањето на оваа стратегија е и чин на градење на доверба во институциите на системот, што има фундаментално значење во пронаоѓањето на смисла младите да сакаат да продолжат да живеат во нашата земја.
-Она што охрабрува е тоа што оваа Стратегија не е регистер на желби или идеи за тоа како да се унапреди улогата на младите во земјава или како да се артикулираат и заштита нивните интереси. Туку напротив, темелноста и сериозноста на оваа Стратегија добива на значење со тоа што во нејзините основи лежи процес на емпириско истражување на младинските трендови, спроведено на примерок од 1200 млади луѓе, регионално рамномерни застапени од осумте плански региони, преку кои се дефинирани проблемите и предизвиците за кои Стратегијата нуди решенија. Дополнителна тежина Стратегијата добива и со тоа што таа е резултат и на инклузивен процес во кој е опфатен широк опсег на консултативни средби, а со цел јасно дефинирање на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот контекст во кои живеат младите во нашата држава, кажа Битиќи.
Тој истакна дека младите се авангардниот дел на секое општество, неговата витална енергија и основна мотивација за креирање на развојни политики кои ги поставуваат фундаментите на просперитетот и благосостојбата на заедницата.
– Затоа е важно институционално да се изгради младински сензибилитет во креирањето на јавните политики, истите да бидат заштитени од сиромаштија и социјална исклученост, се со цел нивната визија и амбиции да бидат насочени кон нашата држава, заклучи Битиќи.