24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Први во регионот почнуваме со ИПАРД 3-програмата, објави Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска во Скопје се одржа настан со кој официјално беше означен почетокот на ИПАРД 3-програмата. На настанот присуствуваа вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, градоначалници, претставници на социо-економски партнери, ЛАГ-ови, претставници на планските региони, здруженија и земјоделци. Свое обраќање имаа вицепремиерот Маричиќ, министерот Николовски и директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски.

„ИПАРД е нашата успешна приказна, ние сме лидери во регионот. Една мала земја како нашата успеа да се избори за лидерско место во конкуренција со двојно поголеми држави и држави кои се членки на ЕУ. Доказ е тоа што ние имаме број на инвестиции колку Србија, Црна Гора и Албанија заедно! Ние сме лидери по три основи. Имаме најголема искористеност од 98 % на средствата од ИПАРД 2-програмата со склучени 2.369 договори, нула евра поврат на средства за целиот ИПАРД 2-период и први во регионот ние почнуваме со ИПАРД 3-програмата. Успех што се мери во милиони евра инвестирани дома! Успех преточен во инвестиции по европски стандарди за модернизација на земјоделството и зголемен рурален развој“, изјави министерот Николовски.

Во своето обраќање Николовски посочи дека реализирани се многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, модерна земјоделска механизација, системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини. Новите капацитети значат зголемено производство, нови вработувања, поголем рурален туризам и зголемена домашна економија. Радува фактот што од 2.369 договори, дури 859 се млади земјоделци, чии инвестиции во земјоделството изнесуваат 9 милиони евра. А она што дава уште поголема тежина на овие бројки е фактот дека сите инвестиции финансирани од ИПАРД ги исполнуваат строгите ЕУ-стандарди.

„Ова е нова страница во развојот на македонското земјоделство, кое ќе го зголемува извозот на македонските земјоделски производи на пазарот на ЕУ и ќе ни даде добра основа за многу повеќе и поголеми структурни европски фондови бидејќи тоа го носи членството во Унијата. И ова е потврда и најсилен доказ зошто сме и зошто треба да останеме на европскиот пат“, потенцира Маричиќ.

Новиот програмски период со ИПАРД 3 почнува со 62 % поголем буџет во споредба со ИПАРД 2.

„Ако за ИПАРД 2 имавме на располагање 60 милиони евра, за ИПАРД 3 имаме 97 милиони евра доделени од ЕУ, кои заедно со нашите пари за национално кофинансирање достигнуваат вкупно 128 милиони евра. Ако на овие 128 милиони ги додадеме и очекуваните суми за сопствено учество на корисниците, вкупната вредност на новите инвестиции надминува 210 милиони евра. Овие средства се наменети за граѓаните и тие ќе останат дома претворени во нови инвестиции во сите сектори во земјоделството и руралниот развој“, истакна Николовски.

За целиот ИПАРД 2-период, фокусот на Владата, министерството и Платежната агенција беше насочен кон создавање предуслови за подобра имплементација на програмата и крајно – поголема искористеност на овие неповратни средства.

„Институциите, пред сè, Министерството и Агенцијата вложија големи напори во промовирање и афирмирање на програмата со цел запознавање на крајните корисници со сите услови, критериуми и правила, подобрување на имиџот на самата програма и испраќање силна порака дека ИПАРД не познава вери, нации, припадности, политички проминенции. ИПАРД е тука да го поддржи секој што приоѓа со добар проект“, изјави директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, и дополни дека целта на ИПАРД е да го поддржи земјоделството, да ги поттикне руралниот развој и стопанството во руралните средини.

На настанот беше презентирана новата ИПАРД 3-програма, која се разликува од ИПАРД 2 по неколку основи. Покрај 4-те веќе акредитирани мерки од ИПАРД 2, ќе се акредитираат дополнителни 4 мерки, и тоа мерка за рурална инфраструктура, мерка за ЛАГО-вите за локален економски развој, мерка за агроекологија, клима и органско производство, што ќе придонесе за заштита на животната средина и надминување на влијанието од климатските промени и мерка за советодавни услуги.

Николовски ги информира присутните градоначалници за новата мерка за рурална инфраструктура, која ќе биде акредитирана во 2024 година и која е наменета за општините. На располагање ќе имаат буџет од 17 милиони евра за инвестиции во обновливи извори на енергија, локална патна инфраструктура, водовод и канализација за поголем развој на руралните подрачја. Се воведува и нов начин во обезбедување на потребната документација, ќе се користи електронски системи за набавка на документи од Централниот регистар, со што ќе се поедностави, олесни и ќе се забрза процесот и ќе се намалат трошоците за корисниците.

А најголемата новост е тоа што со ИПАРД 3 се овозможува авансна исплата до 50 % од висината на финансиската поддршка веднаш по потпишување на договорот, што ќе биде големо олеснување за побрза реализација на сите инвестиции и голема финансиска помош за полесен почеток на проектите.

Во текот на мај и јуни ќе биде спроведена интензивна теренска информативна кампања во сите региони пред да биде објавен првиот повик од ИПАРД 3-програмата, кој треба да се објави кон крајот на јуни.