24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Талевски: Со законските измени изградбата на коридорите ќе трае пократко и ќе чини поевтино

Законите во Собранието ги поднесовме зашто пред две години донесовме специјален закон со поддршка од сите пратеници во Собранието. Тој закон е донесен пред две години, едногласно, со што овој голем инфраструктурен проект значаен за државата ќе биде реализиран и ние се обврзавме да се реализира, истакна пратеникот на СДСМ, Миле Талевски во гостувањето во Алсат телевизија.

-После две години, на ВМРО-ДПМНЕ им текна да бараат некакви си проблеми во договорот, се со една цел – градежната офанзива да не започне и да не се реализира. Затоа што знаат дека овој конзорциум „Бехтел – Енка“, гради агресивно. Доколку можевме да го изградиме автопатот во оние процедури коишто претходно беа, овој закон немаше да го донесеме. Знаете колку долго време се градеа автопатите и со какви се проблеми се соочувавме на патиштата Миладиновци-Штип, Кичево-Охрид… Колку пари се потрошија од граѓаните непродуктивно? ВМРО-ДПМНЕ го остави Кичево-Охрид во таква состојба со проектиран пат кој поминув низ населено место и ние имавме обврска да го рептоектираме проектот, да заштедиме 95 милиони евра. За разлика од почетната вредност на проектот којашто беше 411 милиони евра, коишто ги зедоа од кинеската банка како кредит, проектот се зголеми за 200 милиони. Целта е сега да се заврши проектот за пет години и да се изградат нови четири делници и оваа генерација да има автопат, а не да чекаме десет години ВМРО-ДПМНЕ повторно да ни го потроши времето, рече Талевски.

Тој додаде дека со законските измени доставени до Собранието проектот ќе се забрза и ќе чини поевтино.

-Доколку ние овие закони не ги донесеме во Собранието проектот ќе чини повеќе и ќе трае подолго. Лажеа дека ќе има некакви си пенали, нема да има никакви пенали. Но, она што го блокираат во Собранието е со единствена цел проектот да не се реализира, зашто ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека кога Бехтел ќе влезе да работи – тие работат и ќе имаме многу брза градежна офанзива во целата држава. Сето она што ќе значи пари и средства ќе се врати во компаниите во Македонија. 1,3 милијарди евра е планирано дека ќе бидат потрошени. Со обврската во Договорот е предвидено 51% да бидат искористени домашни ресурси. Значи, тие пари коишто се предвидени од буџетот на граѓаните, коишто граѓаните ги плаќаат преку даноците, ќе бидат назад вратени во компаниите и така ќе заживее и ќе се крене економијата. Ова ВМРО-ДПМНЕ го прави заедно со проруската Левица и тие се ќе направат за овој проект да биде блокиран, истакна Талевски.