Претседателот Пендаровски смета дека на вчерашната седница на Судскиот совет се случувале сцени што не му прилегаат на телото кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите што ги има во изборот и разрешувањето судии и оценување на работата на судиите, грижата за угледот на судството како клучен фактор за довербата на граѓаните кон судството.
„Со вакви постапки дополнително се намалуваат кредибилитетот, не само на Судскиот совет, и довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Во однос на прашањата за изборите на Весна Дамева и Селим Адеми како членови на Судскиот совет, информираме дека во согласност со уставните надлежности на претседателот и по извршени консултации, ја има предложено Весна Дамева до Собранието за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија во 2019 година како предлог што доаѓа од редот на истакнати правници. Селим Адеми е избран за член на Судскиот совет по предлог на Собранието на Република Северна Македонија“, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Низа забелешки за разрешувањето на Дамева имаше и правната фела. Повеќето сметаат дека не е изгласан ниту дневниот ред за да може да се премине на наредна точка. Како кочница за разрешувањето да биде легално, според правниците, се и седумте гласа, што ги сметаат за недоволни бидејќи претседател се избира со осум гласа. На темата коментираа ексобвинител, адвокати, професори по право.
Загриженост поради разрешувањето на Дамева изрази и Државната комисија за спречување корупција. Од таму ги потсетија членовите на Судскиот совет дека тие, како највисок орган на судската власт, треба да се залагаат за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и да обезбедат независност за судската власт.
И денеска избувна скандал во Судскиот совет. Новинарите, снимателите, фоторепортерите и јавноста останаа пред врата оти обезбедувањето добило наредба да не ги пушта да влезат во просториите во кои треба да се направи нов избор на претседател.
Вчера, во Судскиот совет имаше неколкучасовна драма, караници, престрелки. Заменикот на крајот успеа да ја разреши претседателката на Судскиот совет.