Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на месечниот брифинг на тема „’Бехтел и Енка’ – можности, предизвици и одговорности“, во Стопанската комора на Северна Македонија.
На средбата се разговараше за процесот на реализација на договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 д и економските придобивки за домашната економија.
Првиот вицепремиер Груби посочи дека од самиот почеток транспарентно јавноста е информирана за сите чекори што ги презедовме за да го извадиме овој проект од бирократските лавиринти знаејќи го неговото големо значење за целокупниот развој на земјата.
„Досега не се исплатени средства кон фирмата изведувач. Првата исплата ќе биде авансот за почеток на градежните работи и секој исплатен денар што ќе биде од државата кон ЈПДП и потоа кон фирмата изведувач ќе биде објавен на ‘Отворени финансии’. Граѓаните ќе знаат секоја една исплата кога е и за што е. Што се однесува на измените на Законот за работните односи, тие не значат експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со законот. Нема да дозволиме ниту еден работник да биде експлоатиран, на ниту еден работник нема да му биде нарушено работничкото право затоа што законите постојат за да ги штитат граѓаните. Решен сум исто така да го предизвикам естаблишментот поставен во последните три децении и наметнатото статус кво, како и да наметнам нов начин на работа и размислување. Тоа го правиме во сите индустрии. Јас сум подготвен заедно да направиме економски рамковен договор. Затоа, судете сами, стиропор или автопат, вие направете ја разликата“, рече првиот вицепремиер Груби.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека економските импликации од реализација на проектот за изградба на патните правци на Коридорот 8 и Коридорот 10 д со „Бехтел и Енка“ се повеќекратни. Тие ќе значат нови вработувања и нови пари од буџетот за инвестиции, што ќе има влијание врз БРТ номинално од 2 %. Ова го истакна министерот за финансии денеска на месечниот брифинг на тема „’Бехтел и Енка’ – можност, предизвик и одговорност“.
„Економските импликации од овој проект се повеќекратни. Директна поврзаност според физибилити-студијата се 3.000 нови работни места, дополнително 5.000 индиректни вработувања, што се околу 8.000 работни места. Од аспект на инвестиции, вредноста на проектот е проценет на 1,3 милијарда за проектот, што за период од пет години, во кој ќе се изведува проектот, ќе значат номинално 2 % од БДП. Тоа се нови пари од буџетот за инвестиции“, истакна министерот за финансии, Бесими.
Притоа министерот Бесими потенцира дека даночните ослободувања предвидени во договорот не се ексклузива за овој проект и дека тие се воведен стандард за вакви големи инфраструктурни проекти.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека измените во Законот за градењето и Законот за урбанистичкото планирање ќе ја забрзаат изградбата на сите државни патишта и магистрални гасоводи за кои се предвидени урбанистички проекти како стратешки интерес. Тој потенцира дека значително се намалуваат роковите за проектирање, а проектите ќе се изработуваат со сите фази и на крајот ќе се прави нивна ревизија.
„Изведувачот може да почне со градба на одделни делови од делниците што се чисти со експропријација и со основен проект со ревизија, со сите фази на механичка отпорност, за на крајот, кога ќе го комплетира целиот тој проект со сите фази, да поднесува проект за одобрение за употреба и Министерството за транспорт и врски дава одобрение, со што тогаш се става во употреба целиот објект што ќе биде изграден. Бидејќи овој процес дава можност за брзо градење во фази, ние сметаме дека со овие законски измени е добро да се фати чекорот за брза реализација на овие проекти на коридорите 8 и 10 д и овие законски измени важат за сите денешни и идни државни патишта што ќе се аплицираат за градба и магистралните гасоводи“, рече министерот Бочварски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека со реализацијата на овој најголем инфраструктурен проект се очекува пораст на просечната нето-плата. „Просечната нето-плата во државата е околу 33.000 денари, а во последните неколку години просечно сме имале годишно зголемување на просечната нето-плата од 12 % во зависност од годината, а ако гледаме во следните пет години, колку што е предвидено да трае реализацијата на овој проект, ќе произлезе дека просечна плата во следните неколку години во нашата држава ќе биде минимум 45.000 денари, а за инженери со искуство во согласност со договорите се над 60.000 денари и во овој момент“, рече министерот Бектеши.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, рече дека договорот за изградба на овие два коридора е изготвен врз основа на правилата на Фидик, каде што се утврдени обврските на двете договорни страни. „Јас ве уверувам дека овој договор е според Фидик-правила. Кога договорот е според Фидик-правила, сите параметри во однос на реализација на проектот се предвидени и со договорот, како што ги имаме сите склучени други договори со Европската банка, Светската банка, и тие се со Фидк- правила, и не можеме да бегаме од нив“.
Коридорите 8 и 10 д се најголемиот стратешки инфраструктурен проект од национален интерес за државата. Изградбата на овие два коридора значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и, пред сè, безбедни и сигурни патишта за граѓаните.