23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Тик-ток“-анестезиологот остана без лиценца, седум години не смее да работи како доктор

Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница одлучи привремено да му ја одземе лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница – Тетово, информираат во Лекарската комора.

„Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од седум години, што во согласност со правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето. Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинската деонтологија на ЛКРСМ, како и на Меѓународниот кодекс на медицинската етика“, е наведено во соопштението на Лекарската комора.

Од таму потсетуваат дека докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство и дека тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци.

„И најстручниот лекар не е доволно добар лекар доколку не ги почитува етичките норми и правила. Нема да дозволиме дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата“, се додава во соопштението.

Претходно, МВР соопшти дека докторот снимал и објавувал пациенти на „Тик-ток“. Тој објавувал лекарски персонал и пациенти на кои им се укажувала лекарска помош по што полицијата го привела.