Нема уште долго време да видиме градежни активности на терен затоа што вие и од Владата го слушнавте тоа што ние го зборуваме цело време, а тоа е дека не се подготвени и немаат проекти, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став откако вчера наместо градежни активности на коридорот 8, Министерството за транспорт и врски пушти само соопштение.
Мицкоски откри и нов момент од договорот на владата со Бехтел и Енка, потенцирајќи дека владата бара измени на Законот за градење, односно да почнат со проектот без претходно да добијат дозвола за градење односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот.
– Тие самите кажаа дека сега е процесот на кој што сега они ќе го формираат градилиштето. А што значи тоа? Ќе бараат парцели каде што ќе ги одложат градежните машини и алати, парцели каде што ќе се изградат живеалишта претпоставувам за работниците кои што планираат да ги донесат од надвор. Потоа од она бледо соопштение од Владата слушнав дека допрва ќе биде снимањето на терен, тоа се оние геолошки и геотехнички истражни работи, како што се геологијата, како што е идентификувањето на катастарските парцели, односно дефинирање на трасата бидејќи трасата се уште не е дефинирана. Па дури потоа следи изработка на основен проект, а откако ќе биде изработен основниот проект, ревизија на истиот, па пота дури аплицирање за одобрение на градба заедно со сите оние придружни дозволи. Така би требало да биде согласно Законот за градење. Што бара владата односно кои се измените кои што тие ги бараат? Да речеме во Законот за градење бараат да го почнат проектот без дозвола за градба. Вие ако сакате да почнете градба на куќа или на било што, вие мора да извадите дозвола и да добиете одобрение за градење. Но, тие сакаат овој историски проект како што тие го нарекоа да го отпочнат без одобрение за градба, односно без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ги повика од Владата да го демантираат ако не е точно тоа што го зборува.