23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Намерата е да се доуредат прекувремените часови за проекти од стратешки интерес, 40-те часа работна недела остануваат

Не е вистина дека законското решение коешто е дадено во Собрание предвидува 60 работни часови неделно, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во ТВ21.

-Никаде тоа не го пишува. Начелото на гарантирани работни часови според Устав и закон стои, а тоа е дека работна недела е 40 работни часа. Тоа не се менува. Тоа што го бараме е можноста на додефинирање на прекувремени часови. Тоа не го бараме за да биде универзално право за сите, туку го бараме само за инвестиции од стратешки интерес, кажа Битиќи.

Тој кажа дека ова решение би важело само доколку работникот се согласи доброволно и своеволно, без притоа да биде принуден. Битиќи вели дека актуелното законско решение исто така предвидува прекувремена работа, но ограничува за исплата до 192 работни часа годишно.

-Дури и работникот да сака да заработи повеќе, самиот закон вели „извини, но не можеш“, иако работи своеволно, работодавачот нема да смее да те плати повеќе, истакна Битиќи.

Вицепремиерот потенцира дека измената ќе се однесува само на проекти од стратешки интерес.

-Не се менува правилото за 40 часа работна недела, туку прекувремените часови се доуредуваат со давање на дополнителни права коишто не се регулирани за работникот. Ако тој сака да работи повеќе, да има можност да биде платен за тоа што ќе го сработи, рече Битиќи.