23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТЕФАН БОГОЕВ/ STEFAN BOGOEV
.МАКЕДОНИЈА

Богоев: Ниеден закон не предвидува спојување на парламентарни со претседателски избори, си има рокови

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за спојување на претседателските со парламентарните избори, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во интервју за Фокус вели дека ставот на неговата партија е дефиниран со закон.

-Многу едноставно и коректно. Ниеден закон не предвидува спојување избори. Си има парламентарни избори кои мора да се одржат во рок од-до, пред и по крај на мандатот на парламентарниот состав. И претседателски избори во друг закон, каде си стои кога треба да се одржат. Оттука, законски е да има прво претседателски избори, па потоа да има парламентарни избори. Тоа треба и ќе биде така, истакна Богоев.

Одговарајќи на прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ се закани со бојкот на изборите ако не се исполни нивното барање, Богоев кажа:

-Јас не знам каква е таа сериозна политичка партија што сака да стане власт во државата членка на НАТО и кандидат за ЕУ, којашто би бојкотирала претседателски избори. Зошто велам членка на НАТО? Претседателот е врховен командант на армијата на земја членка на НАТО. А, во моментов беснее руска агресија во Украина. Јас не знам на што би личело тоа да ги бојкотираат претседателските избори. Тоа би било крајно несериозно за нив како партија, а и во односот кон државата. Не дај Боже, кој може да предвиди, дали во конфликтот би се вклучило НАТО директно или не. Би било срам за репутацијата на државата најголемата опозициска партија да ги бојкотира изборите на кои, покрај што се бира татко на нацијата, се бира и врховен командант на воените сили. Тоа за ВМРО-ДПМНЕ би било пукање во глава.