27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Социо-економското зајакнување на Ромите е дел од процесот на евроинтеграција

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го честита 8-ми април, Меѓународниот ден на Ромите, укажувајќи дека Ромите се нераскинлив и исклучително важен и вреден дел од македонскиот мозаик.

-Најголемата европска етничка заедница има значаен придонес во различноста и во културното наследството и на Северна Македонија. Едно сме, и во партнерство и искрена соработка продолжуваме да градиме „едно општество за сите“ и да ја подобруваме положбата на Ромите, порача Маричиќ.

Тој повика сите „работејќи заеднички да го отклучиме големиот потенцијал на Ромите во корист на целото општество“ и да се направи суштинска интеграција на Ромите во сите општествени сфери.

-Тоа ќе биде важно за напредокот на Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ. Еден од клучните предуслови ќе биде и прашањето за ефикасно и одржливо решавање на проблемот на ромското и египетското население, во поглавјата социјална политика и вработување, правда и основни права и правда, слобода и безбедност, укажува вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ
Во објава на Маричиќ на социјалните мрежи по повод меѓународниот ден на Ромите стои дека сите програми за преку-гранична соработка во кои учествуваме во рамки на ИПА 3, односно програмите со Србија, Албанија, Косово, Грција и Бугарија за 2021-2027 година, го тангираат прашањето за ранливите групи, особено за Ромите кои живеат во прекуграничните области.
Тој на настанот „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија“, кој се одржа во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите, кажа дека фондовите на Европската Унија се добра можност за финансирање проекти од областа на инклузија на ромското население, кои треба да дадат вистински и видливи резултати и дека во следниот период неопходно ќе биде максимално да се користат средствата на ЕУ во оваа област, со вклучување на сите потенцијално заинтересирани поединци, здруженија, ромски невладини организации, државни институции.
-Ако сакаме општество со еднакви можности, мора заедно да ја зачуваме културната и етничката различност на нашата земја. Наша обврска е, кога станува збор за развојот на едно демократско општество, како држава која преговара со Европската Унија, да спречиме секаков вид на дискриминација и да направиме сите народи и етнички заедници кои живеат во Северна Македонија да се чувствуваат еднакви, со исти можности и права, рече Маричиќ.