Во изминатата 2022 година и подготовките за грејната сезона 2022/2023 година освен што се соочивме со предизвикот да менаџираме две кризи – кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија, за жал се соочивме и со разни шпекулации, црни сценарија и лажни вести од одредени структури во општеството и пред се политички партии, истакна премиерот Димитар Ковачевски презентирајќи го годишниот финансиски извештај на АД ЕСМ за 2022 година.
– Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство на електрична енергија, дека ќе има крах на целиот енергетски систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, дека во РЕК Битола дека нема да се инсталира новиот трансформатор и нема да може да произведува со три блока, дека ќе имаме енормно зголемување на цената на електрична енергија, дека ќе имаме ценовен шок за граѓаните и компаниите, дека град Скопје ќе остане без топлинска енергија и низа други шпекулации, лаги и невистини коишто за среќа на граѓаните се покажаа како невистинити и неточни, рече Ковачевски.
Тој додаде дека напротив, граѓаните имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона.
-Го зголемивме домашно производство на електрична енергија и АД ЕСМ обезбеди 100% снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше да обезбеди 60%. Паралелно го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Снабдувањето со топлинска енергија во главниот град е обврска на град Скопје кој не е управуван од Владата ниту пак е управуван од партиите во владејачката коалиција, туку напротив е управуван од нашите политички опоненти и нивниот градоначалник кој победи на последните локални избори. Тие се откажаа од оваа нивна обврска и тоа ние го презедовме заради граѓаните. Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време – сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции, нагласи Ковачевски.