24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Заев: Договорот од Преспа беше движечка сила за нови иницијативи коишто дотогаш не беше можно да се реализираат

„Договорот од Преспа беше движечка сила за нови иницијативи коишто дотогаш не беше можно да се реализираат. Денес, регионалната соработка и иницијативите како Отворен Балкан се темелите и засилувачите на новите социо-економски перспективи, бидејќи почиваат врз дијалог и меѓусебна поддршка“ пишува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“.

Според него тоа е така бидејќи тие се во суштината на демократијата и либерализамот, однсоно се директни противници на радикалзимот и на авторитарните, самодоволни режими.

„Токму затоа, иницијативите за соработка и поврзување, како што е Отворен Балкан, имаа и имаат противници меѓу националистите и автократите. Но, ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со непријатен чад и мирис“ рече Заев.

Поранешниот премиер во текстот додава дека умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување и заедно да се спротивстават на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир.