„Има повеќеслојни проблеми во администрацијата кои што не се сведуваат само на бројката, туку – што работат тие вработени, какви услуги даваат, какви услуги можат да даваат, а не даваат, кој е квалитетот и брзината на тие услуги, каде граѓаните се соочуваат со пречки, корупција, и застој? Дали за тоа се виновни законите, процедурите, или човечкиот фактор? Суштинското прашање што треба да го одговориме е како да се задржат добрите работници во јавната администрација, од една страна, а како на оние што се непрофесионални, неквалитетни и го рушат имиџот на целата јавна управа, да им се најде начин да бидат отстранети од тој систем“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „ИМА“.
Тој додаде дека со Патоказот за реформа на јавната администрација која државата го подготвува пред отворањето на поглавјата од пристапниот процес со ЕУ ќе биде клучно да се најде решение како да се задржат добрите кадри и да се подобри квалитетот на услуги кои ги нуди администрацијата
„Покрај тоа што се соочуваме со сите проблеми со кои што се соочуваме – и покрај сите обиди, триесет години се прави реформа на администрација – имаме премногу институции, имаме во некои институции премногу кадри, а во некои институции премалку кадри“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека потребно е зголемување на платите на дефицитарните кадри, кои во моментов ги немаме во јавната администрација, а се потребни и паметно менаџирање или трансформирање на неефикасниот дел од администрацијата.