Ако власта смета дека формулата за успех за уставни измени е по примерот на Хрватска каде државата е на еден народ и останатите малцинства, ВМРО-ДПМНЕ одма тоа ќе го прифати, рече лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски одговарајќи како ги коментираат тезите дека уставните измени би можеле да се направат по примерот на Хрватска каде во Уставот има широко набројување на етничките заедници.
„Па не знам дали се сигурни дека сакаат да биде според преамбулата во хрватскиот Устав, еве јас сум подготвен ако е тоа формулата за успех уште утре да ја отпочнеме процедурата, да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во нејзе, еве ако сакаат уште утре да ја отвориме преамбулата на македонскиот Устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк само да не се каат после тоа, да не речат некои други етнички заедници, па да речат, а не било баш така како што они кажуваат. Инаку ако сакаат еве според преамбулата во хрватскиот Устав веднаш, не знам дали ја прочитале, не знам дали виделе или така на памет само си кажуваат, но еве ние како ВМРО-ДПМНЕ одма прифаќаме, таква уставна измена прифаќаме“, рече Мицкоски.