24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

АПСЕЊА НИЗ МАКЕДОНИЈА: Уште 10 лица осомничени за сексуална злоупотреба и изготвување на порнографски материјал

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, врз основа на прибраните докази во текот на истражната постапка ја прошири постапката против десет лица. Со дејствијата опишани во Наредбата за спроведување истражна постапка, шестмина се осомничени дека сториле кривично дело Трговија со дете од чл.418-г ст.3 од КЗ, две лица се товарат за сторено кривично дело Полова злоупотреба на немоќно лице од чл.187 ст.2 в.в. со ст.1 и две лица за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193 ст.3 од КЗ.

Имено, во јануари годинава, предметниот обвинител донесе Наредба против пет лица кои сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал. По преземените дејствија во текот на истражната постапка, јавниот обвинител прибави цврсти докази врз основа на кои во соработка со Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР денес спроведе акција. Извршени се претреси на повеќе локации во Велес и на по една локација во Скопје и Тетово, притоа лишени се од слобода девет лица, додека еден осомничен се наоѓа надвор од државата.

Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за осуммина осомничени и мерки на претпазливост за две лица осомничени за производство и дистрибуција на детска порнографија.
За кривичните дела Трговија со дете и Полова злоупотреба на немоќно лице предвидени се затворски казни од најмалку 8 години, додека за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија затворска казна од 3 до 5 години.