25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јавното обвинителство и МВР потпишаа протокол за соработка

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потпишаа Протокол за соработка со кој се уредуваат клучни области на заедничкото постапување на двете институции. Протоколот е изготвен на иницијатива на Здружението на јавните обвинители, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Протоколот дополнително ќе ја динамизира работатата и ќе го усогласи постапувањето на Обвинителството и МВР во сите сегменти, очекува јавниот обвинител Јовески.

„Граѓаните од нас очекуваат да соработуваме и да им испорачаме ефикасна правда. Само обединети на фронтот против сторителите на кривични дела можеме да постигнеме резултати со кои ќе ја вратиме довербата на јавноста во институциите на системот“, рече тој.

Последниот Закон за кривична постапка во целост ја промени улогата на јавниот обвинител во предистражната и истражната постапка. Сега во негова надлежност е координацијата на сите истражни дејствија и на сите делови од правосудната полиција, вклучително и на припадниците на Министерството за внатрешни работи, а со цел да се овозможи ефикасна и брза истрага и прибирање на сите докази неопходни за кривичен прогон, потенцираше Јовески.

„Целта на протоколот е да ни помогне поефикасно да ги водиме кривичните постапки, имајќи ги предвид заштитата на правата на жртвите, осомничените и обвинетите, во согласност со националното законодавство и потпишаните меѓународни договори“, рече Спасовски.

За подготовката на овој документ беше формирана работна група од претставници на Јавното обвинителство и на Министерството за внатрешни работи. Двете институции, во текот на овој процес, дополнително усогласија и дефинираа повеќе аспекти на меѓусебната координација во клучни области кои се одразуваат на ефикасноста во постапувањето, појасни претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.

„Протоколот предвидува дека двете институции во иднина ќе формираат Комисија со задача да ја следи имплементацијата на овој документ, да решава тековни проблеми при неговото спроведување, да предлага измени и дополнувања на Протоколот. На тој начин веќе е предвиден механизам со кој овој документ практично ќе се надградува и унапредува онака како што ќе налагаат потребите на зајакнувањето на соработката меѓу двете институции“, рече Вели.