24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пенов: Ќе ги зајакнеме капацитетите на општините

Министерството за локална самоуправа заедно со Бирото за регионален развој обезбеди поддршка од УНДП и од Шведската агенција за развојна соработка за поддршка на општините за изработка на проектна документација. Општините, особено помалите, кои имаат ограничени човечки и финансиски ресурси, тешко се снаоѓаат со подготовка на поголеми инфраструктурни проекти, кои бараат обемна техничка документација во согласност со стандардите на големите финансиски институции, како што се ЕУ, Светската банка и други, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.

Вкупната вредност на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ е 2,6 милиона долари, од кои 1,8 милион долари се обезбедени од страна на Шведската меѓународна агенција за развојна соработка (СИДА), 500.000 долари од страна на Бирото за регионален развој, а кофинасирањето од речиси 240.000 долари се очекува да биде обезбедено од страна на општините. За техничкиот фонд за изработка на проектната документација наменети се 1,5 милион долари.

„Постојат многу извори на средства за финансирање проекти, но потребно е да се има добар, комплетен и конкурентен проект. Досегашното искуство покажува дека отсуствува квалитетна понуда на проекти од страна на општините, дури и кога имаме обезбедено средства. Во процесот на интегрирање во Европската Унија, покрај усогласување на законодавството, треба да покажеме и капацитет за имплементирање на фондовите на Европската Унија во согласност со нивните правила“, појасни Пенов.

Првиот повик за општините и за центрите за развој се очекува веќе во април.

„Важно е проектите да ги следат глобалните развојни трендови и да се вклопат во глобалната агенда за одржлив, зелен и инклузивен развој за да бидат препознаени и високо рангирани од финансиските институции. Поддршката ја имаат, се надевам дека општините паметно ќе ја искористат за да може процесот да се затвори до крај, до целосна реализација на проектите што ќе бидат понудени од нивна страна“, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.