24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН: наместо неосновани критики, потребен е конструктивен придонес во градењето квалитетен образовен систем

Министерството за образование и наука апелира до сите општествени чинители да не го користат своето влијание за поткопување на системот на образование. Никому не му користи ако децата, младите, наставниците и родителите ги изложува на континуирани јавни притисоци, мотивирани од тесни партиски или бизнис интереси, завиткани во наводна грижа за квалитетот на образованието. Има голема и значајна разлика меѓу конструктивна критика и секојдневно распнување на образованието како виновник за неисполнети лични амбиции. Постојано и оркестрирано преминување на црвените линии во образованието носи лесни политички поени но остава тешки и долгорочни последици не само по знаењето што го стекнуваат учениците туку и по нивните личности и системот на вредности.

Почнавме темелна реформа на системот на образование и наука, откако стратешки констатиравме дека досегашниот не ги дава посакуваните резултати. Многумина од актуелните дежурни критичари на сè што сега се прави во образованието, имаа можност во изминатиот период да го подобрат образованието.

Новите програми и содржини во наставата, воопшто реформата, се одвива со почитување на сите законски и општествени барања, таа е дел од стратешките документи и помина низ дебати и широки консултации со сите засегнати страни. Се што правиме е подготвено со поддршка од меѓународните организации и институции како што се Светска Банка, УСАИД и УНИЦЕФ. Промените ги акцептираат иновативните приоди во наставата и учењето и се базираат на новите сознанија за развој на квалитетно образование засновано на компетенции.

Затоа, крајно неодговорно е секое фокусирање на образованието без да се согледа секојдневниот напредок во подобрувањето на квалитетот и достапноста на воспитно-образовниот систем, и покрај тоа што изминативе неколку години работиме во кризни услови. Етапно ги воведуваме новите наставни програми и содржини кои промовираат критичко размислување и креативност. За првпат, по повеќе години, Министерството финансира истражувања и иновации. Инвестициите во нови училишта и друга инфраструктура и опрема – не запреа. Ги зголемивме платите и бенефициите на наставниците и професорите. Обуките се дел од нивниот кариерен развој.

Наша цел е создавање квалитетно образование кое на децата и младите ќе им даде темел на кој ќе можат да надоградуваат знаења и вештини според потребите. Бројни професионалци кои со години работат во Министерството за образование и наука делат визија за училишта во кои секое дете може да го постигне својот максимален потенцијал и работат на нејзино реализирање, согласно најдобрите практики.

Квалитетно образование не се достигнува преку ноќ, тоа е процес во кој со свој придонес се вградуваат сите добронамерни чинители.