22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ПРАТЕНИКОТ МИЛЕ ТАЛЕВСКИ НА СЕДНИЦА НА ПОСТОЈАНИОТ КОМИТЕТ НА ПС НА НАТО

Во заедничка организација на Парламентарното собрание на НАТО и Парламентот на Кралството Норвешка (Стортингет), на 25 и 26 март 2023 година во Осло се одржа состанок на Постојаниот комитет. На овој состанок, каде по функција членуваат шефовите или замениците-шефови на делегациите на земјите членки, учествуваа 26 делегации, претседателите на петте комитети на ПС на НАТО и претседателот на Специјалната Медитеранска група. Беа поканети и шефовите на делегациите од парламентите на Шведска и Финска, како земји кои наскоро треба да станат полноправни членки на НАТО, при што учествуваше само делегација од Парламентот на Шведска. Од Собранието на Република Северна Македонија учествуваше заменик-шефот на Делегацијата, Миле Талевски.

Комитетот ја разгледа Предлог Декларацијата “Новото НАТО во ерата на стратешки натпревар” презентирана од известителката Линда Санчез (САД) и поднесените амандмани, при што се усвои преработен текст кој треба да биде дебатиран на Пролетната сесија на ПС на НАТО во Луксембург. Декларацијата става особен акцент на адаптирање кон ревидираниот Стратешки концепт на НАТО, амбициозно инвестирање во најнова информатичка и воена технологија и обезбедување на финансиски придонес од минимум 2% од БДП од секоја земја-членка.

Делегациите имаа можност за директна размена на мислења за моменталната состојба во Украина со шефот на Украинската делегација во ПС на НАТО, Јехор Черниев, коj се обрати виртуелно. Претседателот на Врховната Рада Руслан Стефанчук во видео-порака апелираше на цврста и континуирана поддршка на НАТО-сојузничките земји во воена и материјална опрема на армијата на Украина, авиони и ракети, кои се итно потребни за одбрана на источниот дел на земјата кој Русија се обидува целосно да го окупира и анектира. Тој истакна дека во пресрет на НАТО Самитот во Вилнус и на Пролетната сесија на ПС на НАТО во Луксембург очекува силна поддршка на Украинската апликација за членство во НАТО од страна сите сојузници, преку донесување на посебна Декларација.

Черниев ја повтори потребата од востановување на Меѓународен трибунал за воените злосторства во Украина, бидејќи само во рамките на меѓународно-правниот поредок и преку обелоденување на фактите агресорот може да ја добие соодветната казна. И двајцата укажаа на силната улога на Украина во светската безбедносна архитектура и акцентираа дека украинската победа, со запазување на границите на земјата од 1991 година, е критична за европската и глобална безбедност.

На присутните им се обрати и норвешкиот премиер Јонас Гар Стор, кој пред само два дена на редовна работна средба со генералниот секретар на НАТО во седиштето во Брисел заеднички ги потврдиле приоритетите на Норвешка во претстојните НАТО активности во заштита на критичната инфраструктура и развивање на безбедносни стратегии во Високиот север (High North). Тој се осврна на директната помош што Норвешка ја дава на Украина, но укажа и на внимателноста кон нивниот сосед Русија, од каде доаѓаат хибридни закани. Будно ја чуваат мрежата од 9,000 км гасоводи и нафтоводи, како критична точка за сите НАТО сојузници. Апелираше на што поскоро акцептирање на Шведска и Финска во НАТО, со итно преземање на сите потребни чекори да завршат ратификационите постапки и овие две земји да станат НАТО сојузнички на Самитот на НАТО во Вилнус.
Во последниот дел од состанокот, се дискутираше по ревизорските извештаи за финансиското работење на ПС на НАТО, извештаите за НАТО партнерствата и за односите на ПС НАТО со Тунис по неодамна одржаните демократски парламентарни и претседателски избори, како и за ажурираната состојба на ратификациите за приемот на Шведска и Финска во НАТО.