25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Владата со нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните – Се замрзнуваат цените на јајцата и оризот, се токмат мерки и за месните производи

Откако цената на лебот беше замрзната на 33 денари, наспроти 45 до 50 денари колку што чинеше една векна бел или полубел леб претходно, сега Владата одлучи да ги замрзне цените и на јајцата и оризот, во пресрет на Велигденските празници, кога побараувачката на јајца драстично се зголемува.

Цената на јајцата ќе се заддржи на исто ниво како во март, а истовремено се очекува и да се ограничи количината на извезени јајца во соседните земји, со оглед дека во Србија едно јајце чини од 15 до 20 денари.

Владата денес најави дека ќе биде замрзната цената и на оризот.

Со ваквата одлука која се очекува да биде донесена на редовната седница на Владата утре продолжуваат мерките за заштита на стандардот на граѓаните. Од оваа мерка се задоволни и произведувачите на јајца во Македонија.

Бектеши вети дека ќе се разгледаат и можностите за замрзнување на цените на месните производи.

Нови пониски цени имаат трајното кравјо млеко со масленосто од 2,8, 3,2 и 3,5 урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал – со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.

Овие производи се намалуваат за 10 отсто од цените што се применувале на 1 март. Тестенините пак поевтинија за 15 отсто.

Сето ова е видливо на рафтовите во маркетите.

Ваквите мерки доаѓаат откако непослушните бизнисмени одлучија да ја користат субвенционираната струја, а иако голем дел од нив ветија, не ги намалија цените на производите со што ја вивнаа инфлацијата во земјава.

Инспекторите се на терен, а секое непочитување на мерките може компаниите да ги чини казна од 800 до 10.000 евра.

Владата се обидува да го подобри стандардот и со историскиот раст на минималната плата која од овој месец ќе биде зголемена за 2000 денари, односно ќе изнесува 20.175 денари. Историско покачување ќе има и на пензиите и тоа за 8,4 проценти веднаш, и ново зголемување следува уште во септември.

фото Centar.mk