25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска и Рамадани: Евро-атлантскиот совет е столбот на атлантизмот во државата

Денеска, во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска и претседателот на Евро-атлантскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани, го потпишаа меморандумот за соработка, кој предвидува голем број заеднички активности со една основна цел – развој на демократијата и зацврстување на евро-атлантските вредности во македонското општество.

Министерката Петровска на состанокот порача дека невладиниот сектор има значајна улога во развојот на општеството и порача дека како и досега Министерството за одбрана останува посветен партнер во реализацијата на активностите на оваа организација.

„Евро-атлантскиот совет е столбот на атлантизмот во државата. Вашата посветена работа во ширењето на евро-атлантските вредности, особено кај младите, кои се и нашите идни лидери, е од круцијално значење за развојот на нашето современо, европско и демократско општество“, рече министерката и додаде дека Евро-атлантскиот совет секогаш на Министерството може да гледа како на партнер и силен поддржувач.

Претседателот на Евро-атлантскиот совет, Рамадани, се заблагодари за континуираната поддршка од министерката Петровска и Министерството и порача дека заедно и здружени можеме да ги внесеме евро-атлантските вредности кај младата популација, која покажува силен интерес за сето она што претставува алијансата и за нејзината улога во заштитата на безбедноста и стабилноста на територијата на НАТО.

„Се согласивме да ги обединиме силите за промоција на евро-атлантските вредности, јакнење на капацитетите и забрзување на реформите, како и целосна поддршка на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Во наредниот период ќе се работи на многу заеднички проекти, тренинзи и иницијативи преку неколку програми за разни групи граѓани. Веќе од крајот на март 2023 предвидено е заедничко одржување неколку настани по повод членството во НАТО и денот на НАТО“, истакна Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет за време на потпишувањето на меморандумот.

Меморандумот за соработка опфаќа поголем сет заеднички активности, меѓу кои и меѓусебна поддршка во активностите за справување со хибридни закани, особено борбата со дезинформациите, кои имаат потенцијал да ги поткопаат демократските вредности и слободи.