Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред два дена побара извинување од дел од медиумите поради тоа што објавија дека купил и реновирал куќа во Козле во вредност од еден милион евра. Мицкоски има споделено фотографии од медиумите со веста и порача дека доколку тоа не го сторат ќе ја бара правдата преку судски процес со закани за тужби, пишува “Локално”.
„Локално“ ги контактираше новинарските здруженија Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) за тоа што мислат за ваквите закани за тужби на претседателот на најголемата опозициска партија кон одредени медиуми, но од таму се немаа огласено.
Ваквата реакција на Мицкоски следуваше откако одредени медиуми објавија информации за неговата семејна куќа и имот.
-ДУИ нареди, а СДСМ исполни. Кога не можат поинаку, одлучија со брутални невистини повторно да ја нападнат мојата чест, честа на моето семејство, но и честа на семејството на мојата сестра. Семејниот дом на семејството на мојот зет, сестра и внука, создаден со продаден имот добиен како наследство и подигнат банкарски кредит да го претстават како мој скриен имот. Ниту сум купил, ниту поседувам скриен имот.
Денес е прочка и јас им простувам за ова што ми го прават мене и на моето семејство и затоа имаат 24 часа медиумите блиски на ДУИ (лице вработено во кабинетот на Артан Груби) и СДСМ (Џабир Дерала) да ми се извинат за лагите кои ги објавија, а доколку тоа не го сторат ќе ја барам правдата преку судски процес, напиша Мицкоски на социјалните мрежи во неделата на 26-ти февруари.