27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Жените во политиката порачаа: Јавно говорење, осуда и пријава на вербалното насилството е клуч за да почнат проблемите да се решаваат

На конференцијата „Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на УН Вомен, на панелот три за искуствата со говорот на омраза зборуваа пратеничките во Собранието на Република Северна Македонија, Санела Шкриељ, Моника Зајкова, Арбана Пашоли и координаторката на советничката група во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

„Крајната цел е секако обесхрабрување на жените да учествуваат активно во јавниот живот и носењето на одлуки. Политичката култура, односно некултура, изобилува со родови стереотипи, сексизам, мизогинија, говор на омраза и сето тоа дополнително го засилува насилството врз жените во политиката. Многу е важно да се истражува и следи говорот на омраза врз жените во политиката за да се укаже на штетното влијание што го има не само врз поедини жени и нивната благосостојба, туку и врз општата мотивација на жените активно да се вклучат во политичкиот и општествениот живот“ , потенцираше Санела Шкриељ, пратеничка на Собранието на Република Северна Македонија.

Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија, Моника Зајкова, посочи дека, сексизмот, личните навреди, потсмев, пцовки, навлегување во приватниот живот, мизогинија се само дел од работите со кои се соочуват жените особено во политиката.

„Стануваме предмет на навреди и секакви погрдни зборови од луѓе кои воопшто не не познаваат како личности. Да ви ги покажам пораките на мојата страна по трагично од тоа што добивам ниски коментари па и слики од полови органи на мажи е што погрдни и навредливи зборови добиваме и од жени. Не знам дали тие луѓе немаат мајки, сестри или ќерки. Се додека секоја жена не застане позади друга жена, но се приклучува на тие навреди или додека ги премолчуваме, а не ги објавуваме јавно таквите напади и говор на омраза кон жените нема да заврши. Едукација од најрана возраст, јавно говорење и пријава на ваквото вербално насилство е клуч за да почнат проблемите да се решаваат. Се додека ние како жени молчиме и игнорираме тие ќе се погласни и нема да запрат,“ порача Зајкова.

Пратеничката Арбана Пашоли истакна дека жена со амбиции за професионален развој се предизвикува себеси, но и околината во која живее!
„Успехот на една жена или девојка не е случаен! Тоа е преплет на вредности, многу труд но и истрајност за надминување на предизвиците како и поддршка пред се од важните жени во нејзиниот живот,“ потенцираше Пашоли.
Координаторката на советничката група во Советот на Град Скопје, посочи дека конференциите налик на денешнава, треба повеќекратно да се организираат, и секогаш одново да се препрочитува и превреднува нивната содржина, како четиво на мудри сознајби, но и како пример за жестоката интелектуална женска будност и аналитичка обдареност, и како апел до човековата свест за штетноста на говорот на омраза и за важноста на родовата еднаквост.