Одредени компании и натаму ги држат цените многу повисоки од минатата година, иако државата односно граѓаните им плаќаат субвенционирана струја, а во меѓувреме и цената на нафтата е намалена за повеќе од 30 отсто од времето кога кризата беше во полн ек.
Според познавачите можеби високите профити и брзата заработка на одредени компании се причината за екстремно високите цени на основните прехранбени производи, но донекаде причината е и слабата конкуренција на производите.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од 1 март ќе ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб и ќе изнесува 33 денари.
Проблемот сепак не е само цената на лебот, туку и многу други основни продукти.
Одлуката за замрзнување, според најавите, ќе се донесе на владината седница во вторник, за кога ќе треба да се донесе и конечна одлука околу укинувањето на субвенционираната струја за што тој достави предлог одлука која во моментов ја разгледуваат правни експерти, а за која е убеден дека ќе мине и како единствена дилема е дали ќе стапи на сила од 1 март или од 1 април.
Во моментов околу 200 комании користат поволна цена на струјата односно 80 евра за мегават час, другото го плаќаме ние граѓаните преку буџетот. Истовремено цените на нафтените деривати во земјава драстично се намалија, па така наместо 115-120 денари од литар дизел, сега истиот се продава за 77 денари по литар.
Конкуренција ќе ги сруши монополските цени
Познавачите велат дека во следниов период ќе бидеме сведоци како никнуваат голем број на бизниси и брендови кои ќе понудат драстично пониски цени, а истовремено ќе прават профит, со што би можел да се сруши монополот на одредени компании врз основните прехранбени , но и луксузни производи и услуги во земјава кои минатата година драстично ги поскапија цените.