Сосема сум свесен дека многу внатрешни фактори со надворешна поддршка работат против државата, кажа премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред пратениците.
-Знам дека работеа и работат, посакуваа и посакуваат државата да биде во хаос, да има што е можно повеќе проблеми, да се растураат работите, да има очај, неверување, црнила и затоа веднаш велам дека тоа нема да помине, нема да дозволиме тоа да се случи. Не заради нас, туку заради државата и граѓаните. Ние мора да продолжиме да работиме и да постигаме успеси и резултати како и до сега, порача Ковачевски.
Според него, енергетската криза се менаџира успешно со стабилно, секојдневно снабдување со електрична и топлинска енергија по најниски цени во регионот.
-Не само што ја задрживме цената, туку и ја намаливме, а дополнително и започнавме да извезуваме електрична енергија. Во само една година, инсталирани се нови капацитети од над 150 мегавати од обновливи извори! Тоа не е само енергетска трансформација, туку е енергетска револуција која државата не ја видела со децении. Го сменивме претходниот погрешен модел на субвенционирање на земјоделците и за промена, како што треба, започнавме да ги финансираме, и тоа авансно, вистинските земјоделци. За да ја направиме државата, и независна во снабдувањето со земјоделските производи и храна. Во 2022 година исплативме рекордна државна помош во вредност од 23 милиони евра, кон 410 компании, што вработуваат над 27.000 работници. Во најкризната година во Европа имаме и рекорден износ на странски директни инвестиции во износ од 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони, во кошто се отворени нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек, рече Ковачевски.
Тој додаде дека се реализирани и 90 проценти од планираните капитални проекти лани, што е највисок остварен процент во претходните 10 години, со највисок, историски износ од 465 милиони евра.
-Направивме историски највисок пораст на минималната и просечната плата. Направивме историско највисоко и системско, одржливо зголемување на пензиите, преку 10% и дополнително ги помагавме пензионерите во текот на целата година. Успеавме конечно, после децении чекање, да ги отпочнеме преговорите со Европската Унија! И истите ги водиме на македонски јазик, без никакви ограничувања. Денес, како што треба и доликува, македонскиот јазик е рамноправен во Европската Унија, и во живо, и на хартија. Е тоа е вистинската, исправната, успешната, правилата вистина, реалност и вистинска разумна и патриотска страна во државата! Така се брани, така се сека, така се води држава, така се почитуваат граѓаните. И така треба и да продолжиме, со зајакнато мнозинство, по трасираниот пат, до европскиот пат, кажа Ковачевски.