26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Македонија станува енергетски центар

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање, истакна дека земјата ја продолжува успешната трансформација кон зелена енергија и годинава, со тоа што продолжуваат инвестициите во централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Овие инвестиции, според Ковачевски, треба да ѝ обезбедат на Македонија поголемо производство на струја и енергетска независност на земјата.

„Само во 2022 година изградени се електроцентрали и пуштени се во употреба и произведуваат електрична енергија со можност од 152 мегавата инсталиран капацитет, што произведуваат електрична енергија од обновливи извори. Регулаторната комисија за енергетика минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија. Овие инвестиции имаат значаен придонес во енергетската трансформација и независност.

Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас, што се изградени за една година се еднакви со енергетските капацитети што се граделе со години како ХЕЦ „Козјак“, ХЕЦ „Св. Петка“ и ветерниот парк „Богданци“. Тоа што е правено со години, сега е направено за само една година. Со инсталираниот капацитет на овие 152 мегавата, само во 2022 година може да се задоволат и се задоволуваат потребите на 65.700 домаќинства, кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно, од овие капацитети од обновливи извори може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест града од земјава, како, на пример, Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе. Капацитет, направен, инвестиран и ставен во мрежа само во 2022 година“, рече Ковачевски.

Истакна дека со измените во Законот за градењето се поедноставија процедурите за поставување фотонапонски централи, кои претходно траеја со месеци и што претставуваше најголема пречка за инсталирање фотонапонски централи на домаќинствата.

„Инвеститорите сега се должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи со основниот проект за централата што ја прават од овластена фирма. За правни лица ќе биде потребен извод од Централниот регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект за изведување на централата што сакаат да инвестираат во неа. Контролата дали се поставени фотоволтаици, како што е предвидено со проектот, ќе ја вршат општинските инспектори“, рече Ковачевски.

Посочи дека од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Во 2019 година за споредба имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020 се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, а во 2021 година имало 48 електрани со моќност од 14 мегавати.

Најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, потоа за електроцентрали на биогас, како и за електроцентрали што произведуваат електрична енергија од вода. Значи, сите од обновливи извори на енергија.

„Во периодот кога беше најскапа електричната енергија, поради фотоволтаиците, имавме електрична енергија, што на крајот доведе да имаме најевтина електрична енергија во регионот“, рече Ковачевски.