Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против две лица за кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја што промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување.
Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува, особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан.
По наредба на јавен обвинител, Секторот за компјутерски криминал при МВР го документира и ги обезбеди наведениот поткаст и целокупниот доказен материјал, кој ги потврдува елементите на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 5 години.
Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да определи мерка на претпазливост за првиот обвинет – привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница. Освен ова, особено имајќи ги предвид меѓународните обврски што произлегуваат од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но и влијанието и последиците од постапките на двајцата обвинети врз јавниот морал и интерес, за двајцата обвинети предложена е мерка – забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело што им се става на товар, односно забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.