27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски – Оцука: Унапредување на економската соработка со Јапонија и силна поддршка на евроинтеграциите на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со новиот амбасадор на Јапонија во нашата држава, Казуја Оцука.

На состанокот е оценето дека има тренд на унапредување на билатералните односи помеѓу државите и е изразена определба за зајакнување на соработката, посебно во областа на економијата. При тоа, разговарано е и за можностите за презентација на економските потенцијали за инвестирање во Северна Македонија пред јапонски инвеститори.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото долгогодишно и искрено пријателство со Јапонија, што се манифестира со континуираната јапонска поддршка, во вкупен износ од над 430 милиони американски долари, со што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. Воедно, премиерот ја истакна и важноста на јапонската иницијатива за соработка со Западен Балкан, којашто дополнително придонесува во севкупното продлабочување на соработката и пријателството меѓу двете земји.

„Сакаме да се развиваме како држава и во таа насока од големо значење се односите со развиени земји како што е Јапонија. Успешно се развиваме како мултиетничка држава. Низ политики на дијалог ги развиваме добрососедските односи. Преку иницијативата Отворен Балкан создадовме можност за поедноставени процедури во делот на пазарот на трудот, со што како регион и поголем пазар отвораме можност за зголемена заинтересираност на странски инвеститори. И во Минхен, за време на учеството на безбедносната конференција, добивме потврда дека Европската Унија во Северна Македонија гледа фактор на стабилност во Западен Балкан. Европскиот пат на нашата држава е неповратен процес“, рече премиерот Ковачевски.

На средбата е пренесена категорична поддршка од Јапонија за натамошниот напредок на Република Северна Македонија во европските интеграции, како прашање од значење за развојот на нашата држава и од значење за стабилноста на регионот и на Европа.

Поздравена е и јасната позиција на Република Северна Македонија во поддршката кон Украина, како одраз на почитување на демократијата, слободата и човековите права.

Исто така, изразена е подготвеност за споделување на јапонските искуства во поглед на унапредување на отпорноста и подготвеноста за земјотреси, што се покажува како актуелна тема со ситуацијата во Турција и Сирија.

Во разговорот е потенцирано дека годинава, на 26 јули, ќе биде одбележана 60-годишнина од катастрофалниот земјотрес во Скопје, а на 4 септември се навршуваат и 110 години од раѓањето на истакнатиот јапонски архитект Кензо Танге, кој има значаен придонес во обновата на Скопје, како траен печат во модерниот развој на главниот град и во таа насока е изразен заеднички интерес за одбележување на двата јубилеја.