26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Костовски побара од Мицкоски да им се извини на граѓаните по одлуката на судот во Стразбур

Два дена по одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ниту Христијан Мицкоски, ниту кој било од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не смогна сили да им се извини на граѓаните за неуспешниот одбид криминалците да бидат аболицирани, изјави на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

Напротив, рече тој, оваа партија е единствената која преку соопштение не само што не ја поздрави одлуката на Европскиот суд, туку уште повеќе застана во одбрана на криминалците во своите редови.

„Одлуката на судот во Стразбур е јасна – тоа е победа на правната држава, победа на правото и на аргументацијата на тимот од Владата. Пропаднаа обидите и на Ѓорѓе Иванов и на подносителите на тужбата, криминалците од ВМРО-ДПМНЕ да бидат ослободени без воопшто да им се суди“, рече Костовски.

Оцени дека одлуката на Европскиот суд е охрабрувачка и за македонското судство затоа што подносителите ги упатува да ги искористат сите правни лекови пред македонските судови, со што се разбива, како што рече, уште една лажна конструкција на ВМРО-ДПМНЕ дека судството било под контрола на СДСМ.