26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Комисијата оценила дека Илинден ќе се одбележи со позначајни настани, не со марш за кој се барале храна за коњи и реклами

Организаторот на ОФФест веќе има добиено и средства и за друг настан, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето во ТВ Сител, додавајќи дека станува збпр за Скопскиот џез фестивал. Таа потсети дека за доделувањето средства од Годишниот конкурс на Министерството за култура одлучуваат стручни комисии.

-Што се однесува до средствата издвоени за Макфест. Се согласувам дека вредноста на Макфест е непроценлива, но треба да знаеме и со каков квалитет се организира. Предвидено било да се пее на матрица и веројатно затоа од стручната комисија не предвиделе големи средства за овогодишното издание на фестивалот, рече Костадиновска-Стојчевска.

Што се однесува на обвинувањата од Општина Аеродром дека не биле издвоени средства за „Илинденски марш“, таа одговори:

-Во дел од ставките беше предвидена и храна за коњи, но и многу телевизиски и радио реклами. Веројатно во комисијата процениле дека јубилејот за Илинден оваа година ќе биде одбележан со многу повеќе и позначајни настани.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги демантираше обвинувањата за лична вмешаност при одлучувањето за годишните конкурси.

-Во Министерството за култура одлучуваат стручни комисии од самото министерство и кога ја прифаќаат таа улога потпишуваат изјави за дискретност и судир на интереси. Овие комисии се избираат по нивна претходна инволвираност. Некогаш тоа се и пензионирани културни работници, рече министерката.