„Клучната битка која денес е добиена е што случаите од поранешното СЈО, кои ги коментира и Европската комисија во нивните извештаи, остануваат валидни и продолжуваат да бидат предмет на судовите и обвинителствата во државава“ изјави вицепремиерот и поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ во „Вин-вин“ на Телма.
Тој додаде дека тоа беше примарна и клучна битка на државата во борба за владеење на правото и правна држава.
Маричиќ, кој како министер за правда беше одговорен за подготвување на одбраната на државата пред судот во Стразбур, кажа дека ова бил комплексен случај во кој државата ги изнела сите процедурални аспекти дека судовите во земјава има уште што да кажат, пред апликантите да се обратат во Стразбур.
„Од првиот ден кога беше поднесена жалбата во Стразбур, во земјава започна кампања дека случајот е завршена работа и дека Судот во Стразбур ја валидирал аболицијата на Иванов. Тоа беше стратешка определба на адвокатскиот тим за да се создаде слика дека ова е завршена работа како порака кон судовите и обвинителствата во земјава“ рече Маричиќ.
Тој додаде дека веројатно поради тоа случаите споро се движеле, чекајќи ја одлуката од Стразбур, дека тој суд ќе ја заврши работата на нашите судови.
„Сега топката се враќа кај нашите судови и се упатува дека нашите судови и институции треба да се изнесат за сите аспекти, пред да се оди на мериторно одлучување во Стразбур“ рече Маричиќ.