Не чувствувате одговорност дека вие со вашето однесување и со вашата реторика како партија придонесувате вашето членство, 62 проценти од вашите поддржувачи, идентично, што сигурно не е случајно, како и поддржувачите на Левица, да се тие кои не мислат дека за земјата е добро да биде членка на ЕУ, не чувствувате одговорност дека вие со вашето однесување и со вашата реторика ја буткате земјата кон некои други сојузи, запраша од собраниската говорница, пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ, при реплика на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Шкријељ нагласи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ исто така седат заедно во Собранието, иста плата земаат со пратениците од владеачкото мнзинство, за да се носат мерки кои се во интерес на граѓаните.
„Не чувствувате одговорност за тоа што не гласавте за кривичниот законик, што не гласавте за стратегијата за родова еднаквост, тоа што не гласавте за измените во законот за социјална заштита, што значеше дополнителна финансиска помош за ранливите, тоа што 2020 година не гласавте за младински додаток, а сте полни со реторика за иселувањето, тоа што се обидовте во време на најголема пандемија да го спречите носењето на мерките. Сериозно не чувствувате одговорност“, ги запраша Шкријељ, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа одговори и на повикот на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од владеачката коалиција да и свртат грб на Владата.
„Никогаш нема да го свртам грбот на оваа политика која значи подеднаква грижа за сите граѓани и на онаа политика која мене како Санела Шкријељ не ме третира како бројка за правење етнички баланс или дисбаланс, реторика којашто вие ја промовирате, туку вас ве повикувам да му го свртите грбот на оној што знам дека и самите не го сметате за претседател, да ги напуштите неговите штетни политики и да почнете да работите за доброто на земјата“, порача Шкријељ од собраниската говорница.